(ВИДЕО) Талевски : За три години ја извадивме државата на прав пат и го подобривме животот на сите граѓани

0
1106

Миле Талевски – претседател на ОО СДСМ – Прилеп.

Почитувани,

Денеска се навршуваат точно три години откако се ослободивме од режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, а раководењето со Владата го презеде СДСМ.

Од „заробена држава“ каква што беше оценета земјата во 2016 година, преку одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ за мирно предавање на власта и насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, кој беше поддржан од високи функционери на тогашната режимска власт, денес сме држава со сите демократски карактеристики.

За три години ja извадивме земјата на прав пат, а денес знаеме дека заедно со граѓаните можеме уште повеќе и уште подобро. 

Остваривме двете најголеми стратешки цели, она што со децении  изгледаше невозможно. Станавме 30-та земја членка на НАТО. Македонското знаме се вее пред седиштето на НАТО, а македонските граѓани се горди на тоа. Конечно, имаме и одлука за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Кога носевме историски одлуки и чекоревме на прав пат кон членството во НАТО и отворање преговори со ЕУ, Христијан Мицкоски немаше ниту став, ниту зрелост, ниту чувство за остварување на националните интереси.

Тој и тогаш, а и денес кога сите се справуваме со коронавирусот, останува заробен во теснопартиските и антинародни политики на неговиот ментор Никола Груевски.

Кога СДСМ ја презеде власта, воопшто немаше никаков економски раст. Економијата од минус, ја кренавме во плус. Обезбедивме над милијарда евра странски инвестиции.

За двеипол години, бројот на нововработени лица го зголемивме за над 67.000. Во време на СДСМ во приватниот сектор се вработија повеќе граѓани, отколку во време на ВМРО-ДПМНЕ! И горди сме на тоа!

Горди сме и на значителниот пораст на просечната плата, која во јануари годинава, пред почетокот на кризата со коронавирусот достигна над 27.000 денари, што е на чекор од ветената просечна плата од 30.000 денари.

Минималната плата од 9.000 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемивме на 14.500 денари, што претставува зголемување за 60 отсто.

Просечната пензија, која во декември 2016 изнесуваше 13.750 денари, ја зголемивме на 15.500, со што значително го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите.

Обештетивме 10.700 стечајци, кои долго време беа оставени без никаков надоместок, а сега добиваат по 7000 денари месечно.

За првпат воведовме минимален гарантиран приход и ја зголемивме социјалната помош за 300 отсто.

Ги укинавме квотите за лекови. Денес, на граѓаните во секое време и во сите аптеки, достапни им се потребните лекови.

Значително се покачени платите на здравствените работници и останатиот медицински персонал. Денес, граѓаните за првпат имаат доверба во македонското здравство.

Почитувани,

Време е нашата држава во целост да ги стави во функција своите институции, особено Собранието.

Изборите се решение за побрзо и уште подобро справување со последиците од вирусот КОВИД-19, а на граѓаните им се потребни институции кои ќе функционираат со полн капацитет за време на новиот пик на вирусот, кој се очекуваме наесен.