Деветгодишната работа како таксист на Риза Салко заврши за неколку минути од саботната поплава. Тој со семејството самоиницијативно ја чистат куќата и дворот бидејќи никој не дошол да им помогне. Едвај спасиле жива глава од поплавата со неговите две ќерки, 10-годишната Туана и 6-годишната Алена, пренесува ТВ21.
„Автомобилот ми отиде. Од тоа живеев. Еден месец ќе работев и ќе купував нешто за по дома. Имам мали деца. Жена ми е бремена. Месеците поминуваат брзо. Ова е шести ден од поплавите. Многу тешко, од нула почнав и сега пак сум на нула“, рече Риза Салко.
„Сè е приватно. Немаме помош од никого. Таа вечер со татко ми ги спасувавме децата. Мајка ми едвај ја спасивме. Ногата и беше скршена и едвај ја извадивме од водата. Беше заглавена во тоалет. Влезната врата се скрши. Хаос. Изгубивме сè што имавме“, рече Салко.
Семејството Риза моментално престојува кај роднини. Само таткото на Риза престојува дома бидејќи вели дека зачестиле кражбите во маалото.