(ВИДЕО) Сугарески: Да се закаже итна седница на Собранието на која ќе бидат констатирани оставките на министрите и замениците од СДСМ

0
1273

Собранието на Република Македонија ја прекина работата по 98. седница. Паузата следи на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, кој откако министрите и дополнителните заменици-министри од СДСМ денеска поднесoa оставки на функциите во Владата, побара од премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, итно да ги достави оставките до Собранието.

– Дополнително имаме поднесено барање за итна седница согласно Уставот на РМ на која што ќе бидат констатирани нивните оставки, рече Сугарески.

Во меѓувреме, тој најави дека пратеничката група ќе достави допис до Собранието со кој законите за кои што се води расправа на 98. седница ќе бидат повлечени.

Станува збор за измените и дополнувањата на Законот за шумите, за персоналниот данок на доход, за здравственото осигурување и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Претходно, мнозинството не ги поддржа измените на законите за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење и за туристички развојни зони, исто така предложени од опозицијата.