(ВИДЕО) СТРАЧИНЦИ УНИШТЕНО, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ „ВОЈСКАТА ПОМИНУВА ОТТУКА, НО НЕ ПОМАГА“

0
965

Дворот на семејството Османи е преполн со камења и карпи. Домаќинот на ова семејство, Нехат Османи раскажува за ужасот кој го преживееле саботната вечер. Селото Страчинци се наоѓа во подножјето на скопска Црна Гора од каде што според селаните се слеала водата. Нехат вели дека биле изложени на голема опасност, но за среќа, никој од жителите не настрада. Тој се жали дека надлежните не им излегле на време во пресрет, за да им помогнат да ги исчистат патиштата, пренесе ТВ21.

„Војската и полицијата секаде чистат, а оттука само поминуваат. Освен вода не сме добиле никаква друга помош, а од вода не се живее. Потребни се и други работи. Ова мора да се среди, бидејќи ние можеме да живееме вака наредните сто години“, рече жител на селото.

Жителите сметаат дека ова подрачје била главната артерија низ која поминала водата која потоа ги поплави Сингелиќ и Стајковци. Претседателот на месната заедница на Страчинци, Аднан Сејфулаху вели дека патот во селото е целосно уништен, а само една компанија од Косово испратила булдожери за расчистување.

„Голем дел од проблемите ги решивме. Патот веќе го пробивме и луѓето можат да се движат. Ако има ургентни случаи или веќе нема да има пречки да помине Брзата помош. Ние мештаните ќе продолжиме со нашите активности, ќе работиме до санација на сите штети кои ги претрпе нашето село од поплавата“, изјави Аднан Ајрулаху, претседател на месната заедница.

Ајрулаху вели дека денеска во Страчинци била Комисијата за проценка на штетите во земјоделските култури, а се очекува да биде евидентирана и штетата на имотите. Жителите велат дека претрпеле огромна штета од уништувањето на посевите, кои им се единствен извор за егзистенција. Водата со себе донесе многу камења кои ја уништија канализациската и водоводната мрежа, а според жителите, првите донации со храна во селото, пристигнале дури денеска.