(ВИДЕО) СРЕДБА НА ЗАЕВ СО МИЛО ЃУКАНОВИЌ ВО ПОДГОРИЦА: Со Црна Гора ќе разменуваме искуства во процесот на започнување на преговори на нашата земја со ЕУ!

0
1264

Во рамките на официјалната посета на Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев придружуван од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, вечерва се сретна со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и со претседателот на црногорското Собрание Иван Брајовиќ.

На свечената вечера во чест на делегацијата на Владата на Северна Македонија што ја приреди претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот Заев и претседателот Ѓукановиќ го потврдија традиционалното пријателство меѓу двете земји и разменија мислења за идните можности за развивање на односите, посебно на планот на економската соработка и на планот на заедничките активности во НАТО, и во процесот на интеграцијата на двете земји во Европската Унија.

На средбата со претседателот на Собранието на Црна Гора, премиерот Заев и претседателот Брајовиќ ја нагласија исклучително добрата соработка меѓу пратениците од двата парламенти, можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, а се зборуваше и за поддршка и размена на искуства од Црна Гора  во процесот на започнување на преговори на нашата земја со Европската Унија.

Во оваа прилика претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев му се заблагодари на претседателот на Собранието на Црна Гора, Брајовиќ за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО и информираше дека веќе 13 земји членки на НАТО го ратификуваа документот со што се отвора шанса Северна Македонија до крајот на годината да го добие статусот полноправна членка на Алијансата.