(ВИДЕО) Се отвора Градскиот пазар, ќе работи од понеделник до петок според заострени критериуми

0
742

Прилепскиот Општински штаб за управување со кризи е во постојана
меѓусебна комуникација и на дневна основа носи одлуки и мерки за
справување со вирусот Ковид 19. Една од донесените мерки за зачувување на
здравјето на граѓаните на општина Прилеп, беше затворањето на Градскиот
пазар. Меѓутоа, и покрај мерката за забрана за групирање на граѓаните и
препораките за одржување на меѓусебно растојание од минимум два метра,
пред маркетите и пиљарите во градот се создаваа огромни редици и гужви,
што доведе до зголемување на опасноста од ширење на коронавирусот.

Од тие причини, Општинскиот кризен штаб донесе одлука за отворање на
Градскиот пазар, којшто од утре ќе функционира според заострени критериуми,
секој работен ден, од понеделник до петок, од 08.00 до 15.00 часот.

„Согласно одлуката на Владата за ограничено движење на повозрасната
категорија на граѓани, апелираме до пензионерите и граѓаните над 65 годишна
возраст да пазарат во периодот од 08.00 до 11.00 часот, а сите останати од
11.00 до 15.00 часот. Во оваа прилика, упатувам апел, особено до нашите
помлади сограѓани, да се придржуваат на овие препораки, со цел повозрасните
граѓани да бидат што помалку изложени на ризик од инфекција со
коронавурисот. Со цел заштита од коронавирусот, на сите продавачи и закупци
на тезги ќе им бидат поделени заштитни маски, ракавици и штитници за лице,
на влезовите од пазарот ќе бидат поставени средства за дезинфекција, а ќе
бидат ангажирани и зголемен број на редари, кои ќе помагаат во одржувањето
на редот во пазарот“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот
Илија Јованоски.

Јованоски потенцираше дека како градоначалник, ќе му предложи на Советот
на општина Прилеп на првата наредна седница да донесе сет на економски
мерки, меѓу кои и одлука со која закупците на тезги и дуќани во Градскиот
пазар ќе бидат ослободени од плаќање на кирија, почнувајќи од денеска, па се’
до завршувањето на вонредната состојба во нашата држава.

Директорката на Центарот за јавно здравје – Прилеп, Драгица Николоска, рече дека денеска во Прилеп има два нови случаја на заболени од коронавирус, со што нивниот број се искачи на 12.

„Имаме уште два потврдени случаи позитивни на COVID-19, што значи дека
вкупната бројка се искачи на 12. Станува збор за маж и жена, на возраст од 61 и 64 години. Во моментов чекаме извештај за уште 5 брисови, за кои немаме никаква информација, а секојдневно во Институтот за јавно здравје во Скопје се пуштаат помеѓу 10 и 20 брисови“, истакна Николоска.

Николоска ја потврди информацијата дека по однос на вчерашниот случај, кога
беше потврдено уште едно новозаболено лице, станува збор за жена на
возраст од 59 години, вработена во фабрика за текстилна конфекција од
Прилеп. Од истиот момент фабриката е затворена и сите вработени се ставени
во домашна изолација.

Оливера Аџиоска, директорка на ЈЗУ Здравствен дом-Прилеп, рече дека
согласно насоките на Министерството за здравство, во Прилеп ќе бидат
отворени еден до два пункта за тестирање од коронавирус.

„Од Министерството за здравство имаме насока секој Здравствен дом
дополнително да отвори еден до два нови пункта за тестирање од
коронавирус. Треба процедурално да го изготвиме сето она што ни го посочија.
Пунктовите треба да бидат изолирани, има протокол каде треба да се наоѓаат
и како ќе биде сето тоа реализирано“, нагласи Аџиоска.

Директорот на прилепската Општа болница „Борка Талески“, Драги Богојески,
напомена дека од попладневните часови во Инфективното одделение нема да
има ниту еден пациент, од причина што единствениот кој во моментов се наоѓа
таму, како и претходните двајца, заради малку потешка клиничка слика ќе биде
испратен на понатамошно лекување во Инфективната клиника во Скопје.

„Беа тројца, последниот кој е тука е во малку потешка клиничка слика и ќе биде
упатен во Инфективна клиника во Скопје на понатамошно лекување. Сите
тројца пациенти беа возрасни луѓе, над 65 годишна возраст со срцеви и
белодробни хронични проблеми“, потенцираше Богојески.

Инаку, според информацијата на ОВР Прилеп, во моментов во самоизолација
се наоѓаат 212 граѓани на општина Прилеп, а заради нарушување на
полицискиот час, денеска биле поднесени пријави против две лица.