(ВИДЕО) Саше Политико ја објави снимката од БРКАНИЦАТА со олигархот Минчо Јорданов

0
3666

Новинарот Саше Ивановски – Политико го објави видеото од инцидентот на настанот за одбележување 20 години од постоењето на „Макстил“.

Како што се гледа од снимката, тој се обидел да му постави прашања на бизнисменот Минчо Јорданов по завршувањето на настанот, но не добил никаков одговор туку бил нападнат. Снимката завршува со тоа што Јорданов му го турка телефонот на Ивановски од рака.

– Јас регуларно чекав да заврши настанот па му пристапив на Јорданов со намера да му поставам неколку прашања. Тој се согласи, но кога почнав да го прашувам за изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ од страна на неговата „Бетон“ ми се нафрли да ме напаѓа, па други бизнисмени го држеа за да ме одбранат. Тој се обидуваше да ми го земе телефонот со којшто снимав, и на крај успеа, па го стави во џебот, а бодигардите ме исфрлија надвор од салата. Потоа ми го вратија телефонот, но тој е скршен – раскажа Ивановски вчера за Либертас.

Ивановски вели дека Јорданов се налутил кога тој го прашал зошто на ВМРО-ДПМНЕ му ја подарил новата зграда, односно новото седиште на паријата, и дали стравува од истрагите на СЈО за тендерите за Скопје 2014, од каде неговата ДГ Бетон АД, Скопје наплатила над 216 милиони евра.

Случајот е заведен и во билтенот на МВР:

„Синоќа во 20.40 часот во Полициската станица Центар, С.И. (37) од Кратово пријавил дека истиот ден во 20.00 часот во хотел „Мериот“, во конференциската сала на вториот кат, лицето М.Ј. насилно му го грабнал мобилниот телефон од раце и го оштетил, по што телефонот не му бил функција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во дневниот билтен на МВР.