(ВИДЕО) Прилепска Пиварница со нова инвестиција од 6 милиони евра

0
3082

Прилепска пиварница пушта нова линија за производство на пиво и безалкохолнии газирани пијалоци во пластична амбалажа. Инвестицијата е вредна 6 милиони евра, направена со сопствени средства, без кредитирање. Ова денеска го изјави генералниот директор на компанијата Сашо Самарџиоски, при посетата на оваа фирма од страна на делегација од Општина Прилеп.

„Линијата е од познатиот германски производител за ваков вид на опрема „Коронес“. Инвестицијата е направена со наши средства од изминати профити кои сме ги одделувале за инвестиции“, истакна Самарциоски.

Прилепска пиварница лани имала 30 милиони евра годишен приход, компанијата има вработено 260 мина и држела околу 45% од пазарот со пиво во Македонија. Самарџиоски истакна дека му е чест што денеска компанијата беше посетена од страна на градоначалникот на Општина Прилеп и претседателот на Совет Миле Талевски. На средбата биле разменети мислења за тоа што пиварницата значи за градот и Македонија.

„Се гордееме со сите резултати кои ги имаме постигнато досега и се надевам дека и понатаму ќе имаме можност да се гледаме за убави работи и да прославуваме убави награди. Многу ретко се случува претставници од политичкиот живот да бидат наши гости и да го погледнат целиот процес на производство. Разговаравме и за некои стратешки одлуки кои треба пиварницата да ги преземе во иднина, а тука секако локалната самоуправа ќе биде голем чинител, бидејќи без нејзина помош тешко дека пиварницата може да опстои во своите намери за понатамошни инвестици“, додаде Самарџиоски.

Генералниот директор на „Прилепска пиварница“ посочи и тоа дека како и другите компании во Македонија и тие се соочуваат со недостаток на стручен кадар и дека треба да се направат напори младите да се задржат во градот, да се најде начин да се вработат во домашните компании и тој кадар да не замине во странство.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека Прилепска пиварница е бренд не само за Прилеп туку и за Македонија.

„Ова грандиозно дело кое работи во Прилеп треба да биде гордост за сите нас, а особено на вработените во оваа компанија и на менаџерскиот тим кои направиле компанија за почит не само во Македонија туку и надвор од неа. Оваа компанија ја следат квалитетот стандардите и високата технологија. Токму затоа компанијата „Пепси“ им додели пред извесно време „Златна плакета“ што ја прави уште повисока во нејзините стандарди“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

Инаку „Прилепска пиварница“ е годинашниот добитник на највисокото златно признание на PepsiCo Caleb Bradham Quality Excellence, со кое се наградуваат високиот квалитет и безбедноста на производите на компанијата „Пепси“.

Златното ниво на наградата е доделено на само 18 компании од целиот свет и „Прилепска пиварница“ е една од нив.