(ВИДЕО) Премиерот Заев и министерката Царовска за Гаранцијата за млади: Се намалува процентот на невработени млади, но значајно е да ги чуеме искуствата од спроведувањето на мерката за да биде подобра

0
1206

Гаранцијата за млади – искуствата и придобивките од оваа мерка во Оперативниот план за вработување беа тема на денешниот настан на кој учествуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, активирани млади лица преку мерката, теренски работници коишто ја промовираат мерката, како и други чинители вклучени во процесот.

Учесниците повеќе од еден час ги пренесуваа своите лични искуства од користењето на Гаранцијата за млади којашто за прв пат лани се пилотираше во Скопје, Гостивар и Струмица и се информираа како може да се вклучат во истата.

Премиерот Зоран Заев истакна дека само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани во Северна Македонија и тоа само во пилот фазата во три града. Оваа година имплементацијата на Гаранцијата за млади ќе се реализира на целата територија на земјата со посебен акцент на североисточниот, полошкиот и југозападниот регион во кои се спроведуваше пилот фазата. Само во овие три региони се очекува 3.000 млади лица да бидат опфатени со мерката Гаранција за млади. Планираниот опфат на учесници во гаранција за млади на целата територија е околу 9.500 млади лица.