(ВИДЕО) Пендаровски за Малески: Не ми требаат луѓе кои велат – да, шефе, ти си најдобар, нема подобар од тебе

0
1220

Претседателскиот кабинет преку соопштение вчера објави дека ставовите за македонско-бугарските односи што професорот Денко Малески ги истакна во емисијата „Слободна зона“ на бугарската ТВ „Европа“ не кореспондираат со ставовите и размислувањата на претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски во интервју за „360 Степени“ даде дополнителен коментар на темата.

„Одамна би требало да биде зад нас времето кога советниците на премиери, претседатели и министри мораат цело време да викаат – да, шефе, да, шефе. Мене ми требаат и соработници и советници кои ќе ми кажуваат и нешто поинакво од она што е стандардизирана историска или политичка вистина или факт“, вели Пендаровски.

Тој вели дека Малески е само еден од луѓето со кои се советува за надворешната политика.

„Некои критичари на неговиот став и на моето непостапување, веројатно очекуваа да го интернираме на Голи Оток, не знам што очекуваа. Велат, како можеш да соработуваш со таков човек кој не работи за националните и државни интереси. Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број 1 за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија а не диктатура. Апсолутен национален и државен приоритет број 1 за нас е оваа наша држава да биде целосно интегрирана во западната цивилизација, во институциите во кои се споделуваат западните демократски вредности, а не да биде дел од Движењето на неврзаните, на пример. И апсолутен приоритет е да го признаеме фактот дека Македонија или Северна Македонија, македонското општество е хетерогено во етничка и во религиозна смисла и дека секој припадник нна било која етничка или религиозна заедница има исти права со мене, со тебе, со било кого. Професорот Малески по однос на овие три константи по мене барем, има една позавидна биографија и референци. Тоа ми е мене битно. Јас не можам да соработувам со луѓе кои се контра овие три основни постулати. Сите други работи, дали рекол за 1903 некоја ситуација или сега мисли поинаку, тоа е демократија и јас посакувам повеќе такви соработници и советници да имам кои ќе ми речат – претседателе, можеби овде не сте во право. Во овој дел јас мислам дека тој не е во право, и тоа јасно го кажувам во мојата изјава. Меѓутоа, утре ако има и некоја друга моја изјава со која тој не се согласува, многу е добро кога сте на ваква позиција, два пати, три пати да помислите пред да пресечете и да донесете одлука и затоа ви се потребни луѓе како што е Малески кои не робуваат на шаблони. Аман од тие советници кои ги плаќаме со дебели пари и само ни велат – шефе, ти си најдобар, нема подобар од тебе. Мене тоа не ми треба. После ова интервју прва работа што ја правам со еден широк круг на мои советници и во кабинет и надвор од тоа, ги прашувам за реално мислење за мојот перформанс вечерва. И мене не ме интересираат лајковите или допаѓањата или шерувањата. Мене ми треба здрава критика за ова што го правам“, вели Пендаровски.