(ВИДЕО) Орданоски: Ќе има и специјално одделение во судот

0
1517

„Полицијата и тајната полиција играат диспропорционални, важни улоги во општествените промени. Гледам дека тука се сконцентрираше опозицијата, да се направат што може повеќе блокирања на евентуалните иницијативи на власта, повторно да ги фалсификува изборите“, вели аналитичарот д-р Сашо Орданоски, член на експертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во интервјуто за Цивил Медиа.

ЦИВИЛ Медиа: Претставниците на четирите политички партии во присуство на претставници од меѓународната заедница, вчера постигнаа договор. Беа соопштени деталите на постигнатиот договор, кој е Вашиот коментар?

ОРДАНОСКИ: Прво. мене ми се чини дека договорот е резултат на еден општ замор на материјалот, во смисла на тоа дека кризата трае предолго и дека сите актери, помалку или повеќе, се стремат што побргу да ја затворат оваа фаза на кризата со некаков договор. Во таа смисла, ова е некаков договор за преддоговор, колку што јас успевам да заклучам, зашто таму има мноштво отворени прашања, а со нивното затворање – треба да важи финалниот договор. Дали тоа ќе се направи во август, останува да видиме. Инаку, во самиот договор дел од решенијата се глупави, какво што е решението за некакво ад- хок тело за контрола на медиуми. Тие решенија ќе бидат нефункционални, тоа е јасно. А, дел од решенијата се детални, би рекол влегување во една материја којашто е реално проблем, пред сѐ, мислам на МВР и на сите трикчиња, коишто власта ги прави со години, околу некакви систематизации, некакви овластувања, коишто јавноста не ги гледа, а коишто се функционален дел од тоа како се уриваат и местат избори… И сметам дека концентрацијата на вниманието е таму насочена.

Постои една импресионираност од улогата на МВР и кај опозицијата и кај власта. Овде улогата на МВР е диспропорционално издигната, бидејќи ние сме недемократско општество. Полицијата и тајната полиција играат диспропорционални, важни улоги во општествените промени. Гледам дека тука се сконцентрираа (барем опозицијата) да се направат што може повеќе блокирања на евентуални иницијативи од власта, повторно да ги фалсификува изборите.

Приказната за Избирачкиот список е сведена на две решенија, од една страна, 40.000 лица кои ќе бидат тргнати од списокот, а од друга страна, други, преку 100.000 коишто ќе бидат ставени на друг список.

Гледам дека се одело на решение (колку што е можно), бидејќи и странците разбираат дека сѐ додека се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на власт во Македонија – реални реформи се невозможни! Според тоа, или ќе се обидете во некаква рамка да истуркате некакви решенија коишто ќе овозможат некакви демократски избори, за кои ќе видиме дали ќе се случат, бидејќи има уште многу да се заврши. Или, ако тоа не го правите, треба да влезете во друг тип на сценарија на уривање на власт од овој недемократски тип, како што се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Мислам дека е направен тој компромис, дека има работи коишто не ги знаеме, кои се резултат на разговори во четири очи помеѓу госпоѓа Нуланд и господин Груевски и мислам дека можеби тука се наоѓаат дел од гаранциите кои што јавноста не може да ги процени, или не може ни да ги знае или нема ни да дознае што е таму, разговарано.

ЦИВИЛ Медиа: Дали е доволно третирано прашањето на СЈО во рамки на вчерашниот договор?

ОРДАНОСКИ: Специјалното Јавно обвинителство е базичниот камен, околу кој нема преговори. И тоа е вчера потврдено, без разлика на несмасноста на формулациите и гаранциите.. Јасно е дека тоа не може да биде чепнато. За тој што ќе се осмели уставно да го негира, многу ќе биде висока политичката цена, а ние сме веќе во доменот на високи политички цени. Едно е неспорно, СЈО ќе постои, ќе има и специјално одделение во судот и специјално одделение во МВР. Од ова што го гледам од странците, таа работа ќе се истера до крај, без разлика на сѐ друго! Тоа договорот го отсликува без оглед каква е таму формулацијата и колку тоа делува компликувано. Катица Јанева ќе мора тоа да го одработи, затоа што ѝ е дадено со Закон и мислам дека во крајна линија тоа и е проблемот на власта, тоа што постои една комплетна решеност, особено од меѓународниот фактор, тука да не се прават отстапки.

ЦИВИЛ Медиа: Вчера имаше забелешки, реакции на политички партии, граѓани дека опозицијата прифатила преддоговор за договор, а и натаму лидер на ВМРО-ДПМНЕ е Никола Груевски?

ОРДАНОСКИ: Ние не можеме да очекуваме дека овој тип на криза ќе се реши со еден удар, особено, јавен удар. Јас и натаму мислам дека господинот Груевски, нема да ја предводи ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се одвиваат изборите на дневен ред. Мислам дека нему му се остава и му се препорачува една друга опција, да си направат нови внатрепартиски избори, бидејќи сегашното раководство на партијата е толку криминализирано што ја доведува во прашање смислата на постоењето на партијата. Следните месеци ќе бидеме сведоци на поместувања, без оглед на тоа што тие говорат и што прават. Самиот Груевски сто пати рече „Не“ за некои работи, па потоа „си легна на брашното“. Со Груевски во Македонија политички е завршено! Прашањето сега е како да се исчисти таа „груевистичка“ структура, којашто е осомничена за големи криминали. И прашањето е дали од тоа ќе излезе една здрава, колку-толку кредибилна ВМРО-ДПМНЕ, за да може да учествува на кредибилни избори. Сметам дека есенва, наредниве месеци, тоа ќе се разрешува.

ЦИВИЛ Медиа: Ако вулгаризирам, тогаш партиите вчера се договорија да одат на одмор до 31 август, а потоа, да седнат и да се договорат. Што натаму?

ОРДАНОСКИ: Па, и да и не! Тие де факто ќе одат на одмор. Но, во ова има доволно компоненти коишто треба да се одработат и да се види на крајот на август дали се одработени. Доколку не се одработени, тоа е една нова кризна фаза во Македонија, којашто за жал поинаку ќе се развива. Но, сметам дека во овој месец што следи, нема да бидат оставени, зашто кога велиме „партиите“, пред сѐ, се работи за партиите на власт, тие коишто ќе ги спроведат овие работи, низ парламентарни и низ други, институционални механизми… Мислам дека овој пат ги имаат добиено, сите вистински насоки од меѓународниот фактор, да ја одработат работата.

ЦИВИЛ Медиа: Се прогнозираат, најавуваат избори до крајот на годинава, дури се споменува и конкретен датум во декември. Дали постојат реални можности за реализација на фер, демократски, кредибилни избори или можеби сметате дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ тактизира да ги одложи за наредната година, купувајќи притоа време?

ОРДАНОСКИ: Не би се занимавал сега со тој тип на проценки, бидејќи сметам дека ќе се случуваат други работи есенва. И сега не можам да знам и да предвидам сѐ во детали, што може да се случува. Ние живееме во една ситуација којашто е далеку од перфектна, во која и полурешенија ни се чинат прифатливи, бидејќи таква ни е состојбата. Многу работи се толку изместени, што не можеме да очекуваме идеални решенија. Можеби во теоријата, во нашите граѓански замисли, тоа би требало така да биде. Во реалноста македонската демократска јавност ќе мора да проголта толку работи, а потоа, ќе мора да се мобилизира и да излезе да гласа на избори. Инаку, некакво салонско третирање на целиот натамошен развој на работите, може да резултира со многу пострашна ситуација од оваа што сега ја имаме, во смисла – да поминеме на избори, а граѓанските демократски опции да изгубат на тие избори. Сметам дека со ова ниво на договор,со ова ниво на демократска проточност, се обезбедува доволен квантум на кредибилност, за да победи демократијата на следните избори во Македонија. Дали тоа ќе биде во декември или некаква тактика за напролет, тоа сега во јули не би можел да предвидам, и неблагодарно е да се предвидува. Сепак, да го пречекаме септември, октомври, па дури и ноември, да видиме што ќе се случува во партиите, ќе има многу нови случувања.