(ВИДЕО) ОК ВМРО-ДПМНЕ ПРИЛЕП : Прилеп стана црна точка во која царува криминалот, бараме оставка од командирот на полицијата

0
1086

Почитувани сограѓани, почитувани медиуми,

Во текот на вчерашниот ден прилепчани беа потресени од нов немил настан што е резултат на намалената безбедност и растот на криминалот во градот.

Среде бел ден во едно од најпосетените кафулиња беше оставена рачна бомба која предизвика паника и страв кај граѓаните.

Настанот за среќа помина без несакани последици, но во пресрет на најголемото случување во државата “Пивофест”, остава отворени голем број прашања.

Го прашуваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, господине министер Прилеп е ова или Бронкс?

Како вашето министерство ќе ја гарантира безбедноста на илјадници посетители на фестивалот во Прилеп, кога среде бел ден при преполна чаршија со луѓе, се случува да се постави бомба во кафуле?

Со месеци апелираме до вас дека градот е претворен во криминално дувло, дека се палат автомобили, се напаѓаат полицајци, се случуваат филмски грабежи, и што ли уште не, а вам мува не ве лази.

Бараме под итно да се вложите и да ја подобрите безбедноста во Прилеп. Градот станува црна точка во државата која секој ја одбегнува.

Со оглед на тоа дека локалот каде беше поставена бомбата му припаѓа на истакнат член во вашата партија, бараме детално да објасните за што точно станува збор.

Веднаш да се позанимавате и со командирот на Полициската станица во Прилеп, кој е најодговорен за безбедноста во градот. Секој ден се случуваат нови дела, а од ПС Прилеп ја лажат јавноста дека ја намалиле стапката на криминал.

Со денови во полицискиот билтен на МВР се премолчуваат сите настани и се држи јавноста глува и неинформирана.

ВМРО-ДПМНЕ бара Спасовски итно да го разреши од функција, командирот Кире Спиркоски и да се постави човек кој наместо да оди на партиски трибини ќе си ја работи работата за која е платен.

Граѓаните се згрозени и го губат своето трпение! Прилеп заслужува да живее мирно и достоинствено!