(ВИДЕО) Одложено судењето на Павле Богоевски за 14 ноември, Шарената револуција протестираше пред судот

0
1707

Судењето на активистот на „Шарена револуција“, Павле Богоевски, беше одложено за 14 ноември затоа што во обвинителниот предлог недостигала висината на материјалната штета предизвикана на Министерството за култура, пренесува „Мета“.pavle-bogoevski-pred-sud

– Обвинителниот предлог не само што е повик за политички мотивиран прогон на луѓе што протестираат, туку е и катастрофално лошо подготвен и правно неиздржан. Обвинителството се дрзна да поведе постапка без претходно да биде утврдена штетата. Денеска им текна да предложат претставник од Министерството за култура, кој треба да се произнесе за наводно причинетата штета. Во меѓувреме, обвинителството продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата – изјави активистот Богоевски.

Тој додаде дека на ова рочиште се изјаснил за невин, дека бил дел од групата што Зврлевски ја нарекува толпа, но дека не признава вина.

Адвокатот на Богоевски, Сашо Дукоски, рече дека одбраната за овој случај засега има подготвено тројца сведоци, кои треба да помогнат во утврдување на вистинската фактичка ситуација, а судењето денеска е одложено за да се утврди евентуално нанесената штета.

Активистот на „Шарена револуција“ рече дека оваа организација ќе продолжи да дава поддршка на Специјалното јавно обвинителство, а вчерашното недонесување на законите што ги бара СЈО се директен облик на нарушување на нивниот авторитет.

Додека траеше судењето на Богоевски, пред Основниот суд Скопје 1 беше собрана група луѓе за негова поддршка.