Бугарија ќе го прифати македонскиот јазик, вели министерот за надворешни, Никола Димитров, по дводневниот престој во соседна Бугарија оваа недела. Шефот на македонската дипломатија додава дека Договорот за добрососедство е составен врз основа на Декларацијата потпишана меѓу Скопје и Софија во 1999 година, во која се наведува македонскиот јазик.
Новиот договор, според него, ќе значи унапредување на документот. Димитров е оптимист дека ќе се најде и решение за проблемот со малцинствата во двете земји.
Димитров не откри повеќе детали од Договорот со Бугарија кој е само еден од условите за продолжување на процесот за евро-интегрирање на Македонија. Но премиерот, Зоран Заев изрази уверување дека до крајот на годината Македонија да добие безусловна препорака, а следната година и датум за почеток на преговорите со Брисел.
За интеграцијата во ЕУ денеска зборуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој оцени дека со формирањето на новата Влада заврши политичката и институционална криза.
Македонија минатата недела ги обнови дипломатските контакти и со Грција, едни од клучните за решавање на спорот за името и отворање на пат за евро-атланско зачленување. Во иднина се очекуваат и подинамични комуникации и со другите соседни држави.