(ВИДЕО) Николов: Приоритет на новата Влада ќе биде развоен и транспарентен Буџет

0
962

И покрај тоа што главната забелешка на Светска банка во годишниот извештај се однесува на висината на јавниот долг и темпото на задолжување, владата ги игнорира овие забелешки и проектира нов дефицит и нови долгови за 2017 година, изјави пратеникот од СДСМ, Маријанчо Николов коментирајќи го извештајот на Светска банка за состојбата во економијата во земјава.

-Владата ги игнорира укажувањата на Свертска банка дека мора да почне да ја намалува задолженоста и да започне фискална консолидација бидејќи јавниот долг ќе достигне над 50 отсто од БДП веќе во 2016 година.

Николов смета дека Владата продолжува да ги игнорира препораките на оваа меѓународна финасиска институција и при проектирањето на Буџетот за 2017 година  проектирајќи нов  дефицит и нови долгови од 305 милиони евра.

– Повторно се игнорира укажувањето на Светска банка дека зголемувањето на приходите е минимално. Наспроти тоа имаме експанзија на буџетските расходи чие трошење е неосновано затоа што најголем дел од овие расходи одат за непродуктивни трошења на неразвојни проекти, како што се барокни фасади, панорамски тркала, рајски градини..- додава Николов.

Според него, Светска банка ја потврдила катастрофалната фискална политика и со тоа што укажува дека трансферите кон ПИОМ ќе се зголемат за 20 милиони евра, со што дефицитот во Фондот ќе достигне историски највисоко ниво од 450 милиони евра.

– Овој буџет за 2017 година ќе претрпи темелна ревизија. На Македонија и е неопходна власт којашто ќе работи чесно и домаќински, која што ќе се грижи за државата и потребите на граѓаните и првиот чекор во таа насока мора да биде носење на развоен и транспарентен Буџет за 2017 година- рече Николов.