(ВИДЕО) Николовски: Ќе субвенционираме 30% од транспортните трошоци за извоз на јаболкото

0
1074

„Денеска сме во Преспа и во Ресен и сме сведоци на катастрофалните лоши земјоделски политики спроведени од страна на оваа власт.

Проблемите што ги имаат овде се неисплатените и нередовните субвенции, неисплатените субвенции во износ од 60% за осигурувањето на земјоделските посеви од страна на државата, ниските откупни цени, неисплатените оштети за доцните мразови коишто го фатија овој крај, како и необезбедениот пласман којшто е клучна обврска на државата.

Но, како што и минатата година, така и оваа година, сведоци сме не само на лошите, туку и на криминалните политики на власта и на вмешаноста на власта и на локалните моќници во криминалниот откуп и во злоупотребите што се прават на грбот и маката на земјоделците.

Тоа ќе го расчистиме до крај во периодот што следи, но она што сакам да го порачам од овде е следно.

Државата мора веднаш да ги исплатии субвенциите во целост, да ги исплати во целост оштетите што сите луѓе ги претрпеа во овој период. Државата е таа која што на време, со закон може да ја примени мерката за интервентен откуп, доколку има вишок на производството, се со цел да бидат стабилизирани цените на пазарот и јаболкото да добие достоинствена цена.

Она што исто така е битно е државата да обезбеди пласман на земјоделските производи. Од оваа обврска бегање нема, затоа постои министерството и огромен број на луѓе што се ангажирани и чија работна обврска е да се обезбеди пласман.

Затоа од тука официјално бараме Владата да преземе итни мерки во следниот период се со цел да се обезбеди пласман на јаболкото.

Ќе инсистираме преку субвенционирање на 30% од трошоците коишто се транспортните за извоз да бидат покриени од државата.

Токму преку оваа мерка, токму преку оваа директна финансиска поддршка од страна на државата сме убедени дека ќе се обезбеди пласман на земјоделските производи“, изјави Љупчо Николовски, дополнителен заменик министер за земјоделство шумарство и водостопанство.