(ВИДЕО) Николовски: Државниот ревизор ги потврди сите злоупотреби што ги објавивме

0
1649

Почитувани граѓани, земјоделци, новинари,

На денот на распрснатите бетони на Никола Груевски, којшто потврди дека криминалците се што рекоа порекоа, објавуваме уште една официјална потврда.

Потврда на она што го говоревме, потврда на злоупотребите и криминалот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ова е Извештајот на Државниот ревизор. На 65 страни, констатирана е целокуната погрешна, криминална политика во земјоделието.

Во делот на управувањето со земјоделското земјиште ревизорите констатираат дека иако постои изработен софтвер не се води ажуриран земјишен регистар. Нема соодветното следење на наплатата за закуп на земјиште и не се евидентирани значаен дел од склучените договори за закуп на земјоделско земјиште.

Дел од избраните  понудувачи не доставиле банкарски гаранции додека не се обезбедени условите за користење на веб апликацијата за електронско јавно надавање.

Се констатира дека на огласите се бараат документи кои не се наведени во закон и документи коишто треба државата да ги обезбеди по службена должност без дополнителни оптеретувања на апликантите.

Сето ова отвора простор за злоупотреби, што ги покажавме кога бевме во МЗШВ. Се доделувала земја на блиски до фамилијата додека вистинските земјоделци се оставени без земјиште.

Токму во делот на доделување на земјоделското земјиште ревизијата констатира дека на јавен оглас се објавуваат површини под вода, спортски игралишта и веќе изградени објекти додека одредени површини неможе да се стават во владение поради тоа што противправно се обработуваат од други лица а за тоа не се врши инспекциски надзор.

Ревизорите констатираат дека и покрај исполнетите услови не секогаш договорите за закуп се раскинуваат. Земјоделското земјиште од раскинатите договори не секогаш се објавува како слободно што за ревизорите упатува на противправно користење на земјиштето.

За тоа колку е алармантна целата состојба, говори и фактот што ревизорите напишале дека се сомневаат во наменското, ефикасно и легално користење на земјоделското земјиште во државна сопственост.

За следењето и наплатата на закупнината ревизорите пишуваат дека не постои унифицирана евиденција во секоја подрачна единица на министерството, не е воспоставен единствен електронски систем за следење и контрола на наплатата.

Од МЗШВ до ревизорите не доставиле ажурирани податоци за бројот на должниците како и за активните, раскинати и истечени договори односно целосни податоци за тужените закупци.

На ревизорите не им биле презентирани ниту податоци за тоа дали министерството на сите должници им доставувало опомена за подмирување на обврските.

Тоа покажува дека МЗШВ се обидува да го прикрие криминалот што е правен.

Ревизорите забележуваат и дека побарувањата по основ на закуп на земјоделско земјишпте во државна сопственост сметководствено не се евидентираат во ниту еден надлежен орган.

Токму поради сите овие забелешки ревизорите се загрижени дека се остава можност земјоделското земјиште да се користи без да се плаќа закупнина на штета на Буџетот.

Тоа ние го потврдивме во повеќе случаи за коишто веќе се поднесени кривични пријави.

Ваквиот хаос го признал и министерот Михаил Цветков, во одговорот до ревизорите.

Институционалната потврда на погрешните, криминални политики во МЗШВ се доказ зошто законите мора да важат за сите подеднакво.

Затоа, криминалната аболиција на Ѓорге Иванов мора веднаш да се поништи во целост.

Секој што го прекршил законот да одговара.