(ВИДЕО) МОЌЕН ПРЕС НА ЗАЕВ: Влеговме во НАТО, на ред е ЕУ, отвораме пазар од 4 милијарди евра за нашите компании и фондови од 2 милијарди евра за нашата земја

0
1402

Прес- конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите, почитувани присутни,

Изминативе три години донесовме тешки, паметни и храбри одлуки. Одлуки кои беа неопходни за да направиме стабилна држава која може да спроведе големи економски промени.

Покажавме визија, храброст и одлучност за решавање на децениските прашања. Со нивно затворање, ги отворивме перспективите кон ЕУ и НАТО.

Денес македонската армија e дел од најмоќниот планетарен безбедносен сојуз, градиме модерна армија, армија на граѓаните.

Денес сме извесна 30 земја членка на НАТО Алијансата, најмоќниот сојуз на светот.

Тоа освен што значи безбедност и стабилност, носи и повеќе пари за граѓаните.

Тоа го покажуваат и сите економски параметри во последните година и повеќе дена. Само по добивањето на поканата за членство за НАТО во 2018 година, странските инвестиции достигнаа рекорден износ зголемен за над 300 отсто во споредба со оној од 2017 година.

Невработеноста денес е на рекордни најниски 17 отсто, а платите растат буквално во сите сектори.

Довербата во македонската економија е вратена, а тоа го потврдуваат и растот на извозот и растот на индустриското производство.

Но тука, придобивките од членството во НАТО не завршуваат.

Веќе од оваа година се отвора пазар вреден 4 милијарди евра годишно за нашите компании преку нашето членство во НАТО. Агенциите на НАТО за услуги, набавки, информатика и комуникации стануваат достапни за сите македонски компании да конкурираат и да ги пласираат нашите домашни производи.

Го повикувам бизнис секторот да биде наш активен партнер и да ги искористи максимално економските придобивки кои произлегуваат од членството.

Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ!

Денес сме чекор поблиску до преговорите со Унијата и отворање на првите поглавја. Последениот доказ за тоа е вчерашниот Извештај на Европската комисија.

Извештајот нотира значаен напредок во сите области: во правосудството, во борбата против корупцијата, во реформата на безбедносните служби и реформата на јавната администрација.

Тоа е потврда, тоа е печат за успешните реформи што ги остваривме со многу работа и во тешки услови, тоа се успеси на граѓаните, на државата, на Владата, на парламентот и на институциите.

Почитувани,

Сторивме се што беше до нас, на ред е ЕУ да ја исправи грешката и да започне преговори за членство.

Подготвени сме за почеток на преговорите. Затоа е потребно да овозможиме континуитет на паметните и храбрите одлуки, а не да се враќаме чекор назад. Мораме заедно да продолжиме напред!

Со ваквата стратегија и цел, до 2024 година очекуваме да отвориме 80 проценти од поглавјата за ЕУ.

Ние, за 6 години успешно ќе ги завршиме преговорите со Европската Унија. Со вакво ВМРО-ДПМНЕ, преговорите би траеле 60 години и никогаш не би завршиле.

Отварањето на преговорите за нас ќе значи трансформација на целото општество, но и пристап до нови фондови, до повеќе пари за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, повеќе работни места, повисоки плати за работниците, повеќе профитабилни домашни компании. Нашата европеизација е заради луѓето, заради подобар живот, за нашите деца, за нашиот народ.

Затоа, од европските фондови обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија во годините коишто претстојат пред нас. Само во последните месеци добивме грант неповратни средства од 13 милиони евра за интерконекторот за гас помеѓу нашата земја и Република Грција, должен 68 километри. 5 милиони евра добивме неповратни средства за граничниот премин, за железничкиот премин и патот околу граничниот премин Табановце. 28 милиони евра добивме грант неповратни средства од ЕУ за патот Скопје- Блаце, плус 50 милиони евра добивме награда за успешно спроведени реформи и 17 милиони евра за развој на регионот Преспа. Тоа се европски пари за европски стандард дома.

Бизнис секторот ќе може да ги искористи максимално економските придобивки кои произлегуваат од членството во НАТО и преговорите со ЕУ.

Почитувани граѓани, тешкото е зад нас! Сега е важно да продолжиме напред, уште посилно и уште подобро, и на следните избори да избереме Парламент и потоа Влада кои стабилно ќе ја раководат државата кон сигурна иднина.

Иднина која ќе гарантира економски развој, запирање на иселувањето на младите, благодет и просперитет за сите.

Работевме напорно, време е да ги ползуваме плодовите на нашиот труд.

Убеден сум дека граѓаните ќе дадат масовна поддршка на нашиот концепт кој води со крупни чекор напред кон иднината.

Почитувани граѓани, ја вративме слободата и демократијата и европските вредности во нашата земја, обезбедивме предвидливост. Паметните и храбри одлуки ги имаме насекаде по историјата, насекаде во светот и во сите времиња паметните и храбри одлуки донеле предвидливост и победи на цели нации, на многу земји.

Паметните и храбри одлуки конечно донесоа предвидливост и победа и за нашата земја и за нашиот народ, храбрите победуваат. На 12 април граѓаните ќе ја потврдат успешноста на реформите и на севкупните позитивни промени во нашето општество, и ќе ни ја дадат довербата за нов, чист мандат во кој продолжуваме да работиме и повеќе и подобро за интересите на државата, и за интересите на граѓаните. Да работиме за нови победи на нашиот народ и на нашата земја.