(ВИДЕО) Митрески : Македонски концепт со концепт за електронски судски систем за избегнување малверзации и заштита на граѓаните

0
887

Прес конференција на Калин Митрески.

Правда за сите е резултатот од системските реформи во судството што ги нуди Македонски концепт. Воведувањето на овие промени ќе ја врати ефикасноста, правичноста, професионалноста на судскиот систем но најмногу од се ќе ја врати довербата на граѓаните. Со решението за судството од Македонски концепт граѓаните ќе знаат дека има правда и за нив.

Реформата започнува со примена на современа технологија што ќе гарантира доследност на постапките и без потреба од човечки фактор а правдата ќе се менаџира процесно. Дигитализирањето на судските процеси ќе овозможи собирање на сите релевантни податоци кои подоцна ќе се користат за изнаоѓање решенија на проблемот.

“За да зборуваме за реформи во судскиот систем мора да располагаме со доволно податоци за причините за неефикасноста на судот и Јавното обвинителство. Затоа предлагаме примена на Blockchain технологија која овозможува внесување податоци во компјутерски систем за кој е загарантирана нивната непроменливост и веродостојност. Таа функционира на начин што во секој запис којшто генерира во себе содржи криптографски клуч кој во себе пак го содржи клучот од претходниот запис. Тоа овозможува со овој систем да биде исклучена можноста за негова модификација. На овој начин ќе навлеземе во сржта на проблемот и ќе почнеме со конструктивни промени”, објасни Калин Митрески, адвокат и портпарол на платформата Македонски концепт.

Примената на оваа технологија прво ќе обезбеди гаранција за непроменливост на податоците а со тоа ќе се одземе можноста за прикривање на непрофесионалноста, нестручноста и корупцијата во овие институции. Ќе може да се влезе во трагата на секој што ќе ја злоупотреби својата службена положба или ќе се обиде да ја сокрие својата нестручност. Прераспределбата на предмети кон судии со примена на оваа технологија ќе биде загарантирана, еднаш распределен предмет нема да може да се прераспредели на друг судија без за тоа да постои запис. Нема да дозволи застарување или губење на предметите, судијата доколку не ги реши предметите што ги должи, нема да може да земе нов предмет, нема да има можност од губење, уништување или менување списи од МВР, Обвинителството и судовите, па дури и по истекот на задолжителниот рок за чување на овие податоци и списи. Веднаш по внесувањето на списот во системот не е возможно истиот да се избрише или промени.

“Реформите во правосудството и целиот судски систем се итни и ургентни. Имаме разорено судство и имаме голем проблем, кај нас не постои правда затоа потребно е суштинска промена. Нудиме реформа што ќе овозможи системска промена затоа што системот е нефункционален. Имаме кадар, имаме судии но системот не дозволува да имаме праведно и функционално судство. Не се сите судии корумпирани, неоперативноста на правосудството не е секогаш до нив, потребен е кадар, асистенти и дигитализација на системот”, истакна Митрески.

Blockchain системот ќе се применува за предистражните, истражните и судските постапки и тоа преку задолжителна дигитализација на сите списи што води до дигитализација на целокупната судска постапка. Па така секоја странка ќе има електронски пристап до својот предмет, секоја странка ќе може да прима и испраќа поднесоци со што времетраењето на судската постапка драстично би се намалила.

Правда за сите, е столбот, темел на сите заложби што Македонски концепт ги нуди за правосудниот систем. Концептот се заснова врз реформи во сите правосудски инстанци, во високото стручно образование од областа на правните науки; во коморското здружување на дипломираните правници; укинување или реформи на Академијата за судии и јавни обвинители; реформи на системот на избор на судии и јавни обвинители; измени и дополнување на системските закони од областа на материјалното право за обезбедување правичност, експедитивност/ефикасност и еднаквост; измени и дополнувања на системските закони од областа на судското процесно право за обезбедување правичност, експедитивност/ефикасност и еднаквост.