(ВИДЕО) Манчевски : Курир, Република и Нетпрес координирано шират лажни вести финансирани од Будимпешта

0
1216

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, денеска ги посочи порталите Курир, Република и Нетпрес дека координирано шират лажни вести, финансирани од центар на екононмска моќ во Будимпешта кој, како што рече, ја има под целосна контрола и партијата ВМРО-ДПМНЕ, пренесе 360 степени.

Манчевски на прес-конференцијата во партиското седиште доби новинарско прашање: „ВМРО-ДПМНЕ лиферува секоја вечер т.н. факти на денот, вчера објавија дека криете дека се очекува силна економска и здравствена криза, сигурно сте свесни за паниката која полека се развива кај населението, точно ли е ова и имате ли контра мерки за истото?“

-Прво, не треба некој да ни каже дека се соочуваме со економска и здравствена криза, ние се наоѓаме во една таква ситуација. Но, сакам да се насочам кон одредени медиуми коишто сакаат да направат дополнителна паника, и мислам дека треба да зборуваме најдиректно, а не од околу. Курир, Република и Нетпрес, ова се координирани извори на лажни вести, финансирани од еден центар на економска моќ којшто се наоѓа во Будимпешта и којшто ја има под целосна контрола и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Апсолутно не постои долна граница под која што не може да паднат ниско, овие квази медиуми.

Апелирам до другите медиуми во државата да не потпаѓаат на овие влијанија, да не ги шират овие лажни вести и во оваа прилика би сакал уште еднаш да се заблагодарам за одговорното однесување на сите останати медиуми во државата во однос на коронавирусот. Но, ова заслужува најжестока осуда од страна на сите граѓани – одговори Манчевски.