(ВИДЕО) МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ : 100 ДЕНА ЗАЕДНО ПОСВЕТЕНИ НА КУМАНОВО, ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ГО ПОДОБРУВАМЕ ЖИВОТОТ НА ГРАЃАНИТЕ

0
855
Почитувани,
100 дена од мојот втор мандат како градоначалник изминуваат точно
денеска. Ветив дека ќе бидеме максимално транспарентни пред граѓаните.
Ветив дека ќе работиме одговорно и ќе го спроведеме ветеното и на
граѓаните на Куманово ќе им обезбедиме пристоен живот, перспективна и
сигурна иднина.
Градот Куманово во својата историја секогаш бил прв во промените.
Куманово е револуционерен град, град на борбата и слободата, град на
пркосот, град кој секогаш во важни историски моменти бил на вистинската
страна.
Така и на последните локални избори, Кумановци јасно и одлучно го избраа
граѓанскиот концепт “За наше Куманово”.
Концепт на соживот, концепт за нови проекти, концепт на континуитет во
развојот. Голема чест ми е што претходните четири години граѓаните во
нас препознаа вистински партнер којшто работи исклучиво за интересите на
граѓаните. Исто така, мандатот доделен од граѓаните лично за мене и
мојот тим претставува дополнителен мотив, но во исто време и одговорност
и посветеност кон реализација на сите ветени проекти во кампањата на
локалните избори.
Во овие 100 дена, со засилен интензитет продолжуваме да реализираме
нови, но и да завршиме дел од веќе започнатите проекти од предизборниот
мандат, во првиот мандат кои значат унапредување на квалитетот на живот
и стандардот на граѓаните. Во оваа прилика, им се заблагодарувам на сите
советници од претходниот состав на советот без разлика на нивно
политичко убедување за континуираната поддршка и допринос за реализација
на овие проекти.
За нас претставува силен предизвик да го направиме Куманово поубав град
за живеење на сите нас. Работејќи по принципите на  ефикасност,  чесност
и неуморност, постигнавме видливи резултати.
Подобрување на инфраструктурата во целата општина беше и продолжува да
биде наш приоритет на кој сме фокусирани како во претходниот, така и во
новиот мандат во кој делот на реализација на проекти е повеќе од јасен.
За таа цел:
– Завршена е изградбата на улица „АСНОМ“ со тротоари;
– Завршено е со асфалтирање на улиците „207“, „206“, „205“, „204“,
„203“, „149“, „146“, „143“ и „145“ во населба Карпош.
– Асфалтирани се улици во с. Костурник и Агино Село, а исто така
асфалтирана е улица „620“ кон с. Проевце од локација Туш;
– Со бекатон се уредени улиците „Божидар Аџија“, „Боро Соколов“, улиците
„33“, „3“ и „52“;
– Уреден е кракот од улица „Младен Стојановиќ“, крак 1,2 и 3 од улица
„Народна Револуција“ и крак од улица „Видое Смилевски Бато“.
– Уредени со бекатон се и краците 1 и 2 од улицата „Есперанто“.
– Отпочнавме со подготовка на теренот за изградба на вториот кружен тек
на крстосница помеѓу булевар Трета МУБ и булевар Октомвриска Револуција.
Продолжуваме да инвестираме во образованието, да ги подобруваме условите
на учениците за настава и престој во училиштата, но и да ги подобруваме
условите за работа на сите наставници.
– Завршена е целосна реконструкција на кровот на СОУ Гимназија „Гоце
Делчев“. Поставено е ново ЛЕД осветлување во училниците, извршена е
замена на кров на училишната спортска сала, а во тек е нејзино внатрешно
реконструирање. Поставени се нови врати на училниците, а претходно се
заменети сите стари со нови современи ПВЦ прозорци. – Набавени се 430
нови полиуретански столови, нова спортска опрема за гимнастика, како и
дополнителна опрема за музичкиот кабинет во гимназијата. Во тек е
изградба на нова енергетско-ефикасна фасада на училишниот објект.
– Целосно е завршена новата енергетско-ефикасна фасада на ОСТУ „Наце
Буѓони“.
– Заменети се старите со нови енергетско-ефикасни ПВЦ прозорци во
објектот на ООУ „Магдалена Антова“ во населба Карпош.
– Заменети се врати и прозорци во централната зграда на ООУ „Браќа
Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“.
– Се реконструираат тоалетите во ООУ „Битолски Конгрес“ – с. Лопате.
– Во тек е реконструкција на училишна зграда во ООУ „Карпош“- с. Умин
Дол, целосна реконструкција на училиштето која предвидува реконструкција
на кров, подови и тоалети, нови прозорци и врати, нова
енергетско-ефикасна фасада и нов систем за греење.
– Партерно се уредува училишниот двор и се гради нова ограда во СОУ
„Перо Наков“ или економско училиште. Исто така, во тек е поставување на
нов систем за греење во училишната спортска сала и набавени се 7
смарт-табли, 200 столчиња и 100 клупи, како и 97 компјутери за
опремување и модернизација на кабинетите по информатика во матичниот и
дисперзираниот училиште на паралелките за албански јазик.
– Поставена е пристапна рампа и извршена е адаптација на тоалет за лица
со попреченост во ООУ „Вук Караџиќ“, следува изградба на нова
енергетско-ефикасна фасада.
– Набавени се 82 интерактивни (смарт) табли, помошно-технички помагала и
опрема за спортски сали, за потребите на основните училишта во Општина
Куманово.
Почитувани, во изминатите 100 дена, во однос на спортско рекреативни
капацитети:
– Ја завршивме реконструкцијата на кровот на нашата градска спортска
сала;
– Завршено е новото мултиспорт игралиште во дворот на ООУ „Браќа
Миладиновци“ и ООУ „Крсте Мисирков“, како и новото мултиспорт игралиште
со тартан подлога во с. Клечовце;
– Завршени се нови мултиспорт игралишта со тартан подлога во Агино Село
и во с. Романовце;
– Во тек е изградба на ново мултиспорт игралиште со тартан подлога во с.
Пчиња;
Куманово важи за инклузивна општина која презема конкретни мерки и
чекори за инклузија и подобрување на животот на кумановци.
– На Меѓународниот ден на лицата со попреченост пуштивме во употреба
инклузивно игралиште за ученици со попреченост, инклузирани во редовна
настава во ООУ „Браќа Миладиновци“ – Куманово. И во оваа прилика им
благодарам на донаторите и општествените компании од нашиот град кои
дадоа допринос за реализација на овој проект.
– Согласно програмата за социјална заштита на Општина Куманово за 2022
година продолжуваме со мерките за помош на ранливите категории на
граѓани преку голем број на активности.
– Завршена е целосна реконструкција на 17 соби во Дом за  стари лица
„Зафир Сајто“. Воведен е нов модерен електронски систем за внатрешна
комуникација помеѓу корисниците на домот и медицинскиот персонал, како и
персоналот за нега во домот.
– Покрај имплементација и продолжување на веќе започнатите проекти од
првиот мандат, предвидено е да ги реализираме сите нови и најавени
проекти од програмата за работа на општината за период 2021-2025 година.
Од почетокот на новиот мандат до сега остваривме продуктивни работни
средби со амбасадори, високи претставници од странство, здруженија на
граѓани, на кои дискутиравме за идеите, решенијата и чекорите кои треба
да ги преземеме за да им го подобриме секојдневието на граѓаните.
Особена благодарност сакам да упатам до Советот на градот Куманово,
претседателката Ивана Ѓорѓиевска и сите останати 32 советници. Одржавме
вкупно 4 седници на Советот на Општина Куманово, каде донесовме важни
одлуки за граѓаните. Сите претходно споменати проекти ќе останеа само
идеја запишана на хартија доколку советниците и општинската
администрација не ја работеа својата работа совесно и одговорно.
Куманово е град на сите граѓани без разлика на етничката, верската,
политичката и каква друга било припадност. Секој кумановец заслужува
достоинствен живот, а ние како одговорни чинители на кого ни е доверена
оваа должност и обврска мора да им ја обезбедиме.
Со многу ентузијазам, со голема енергија, предвидуваме до 2025 година
имплементација на повеќе 800 проекти од областа на инфраструктура,
унапредување на образованието, спортот, културата, социјалната заштита –
проекти кои ќе ја зајакнат општината и ќе отворат простор и шанса за
работа на секој млад човек.
Не чека многу работа во следниот период и верувам дека заеднички без
разлика на нашите политички различности Куманово ќе го направиме подобро
место за живеење. Ве повикувам сите да се приклучите со вашите идеи,
сугестии, предлози, критики, затоа што само заеднички можеме да
направиме поголеми промени. Приоритетот наш и ваш секогаш се граѓаните
на општина Куманово.
Куманово е мој, твој, наш заеднички дом, семејство, сегашност и наша
иднина. Заедно да го чуваме, негуваме и изградиме во модерен, среќен и
поубав град за сите нас. За идните генерации.
Ви благодарам и вам, на медиумите кои се трудите информациите околу
работењето на Општина Куманово да ги пренесувате точно и објективно, што
е во интерес на сите нас.
Ви благодарам.