(ВИДЕО) Костадинов : Во тешки времиња Мицкоски неодговорно шири паника, економските мерки на СДСМ се издржани, се бориме за секое работно место

0
1236

Прес-конференција, Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Дури и во вакви тешки времиња, кога целата држава, институциите, медицинските лица, полицајците, граѓаните, се посветени на борба со коронавирусот и заштита на здравјето Христијан Мицкоски од белиот дворец шири невистини.

Крајно несериозно, крајно неодговорно и несоодветно, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да ја злоупотребуваат ситуацијата и со сета сила се обидуваат да создадат атмосфера на паника кај граѓаните.

Ниту еднаш, ама ниту еднаш во изминатите 3 години Мицкоски не се издигна над неговиот личен, партиски или послушнички интерес на Никола Груевски.

Од човек кој за 100 отсто ја зголеми цената на електричната енергија и кој во време на сиромаштија тераше бизнис со хидроцентрали на грбот на граѓаните, друго и не може да се очекува.

За жал нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ и повторно, во клучни моменти за државата, за граѓаните Мицкоски нема ниту став ниту предлог за доброто на граѓаните.

Нема простор за паника, СДСМ презема одговороност да се справиме со економските последици од оваа криза.

Со политиките на СДСМ во изминатите 2,5 години економијата ја стабилизиравме и подготвено ги дочекува економските предизвици предизвикани од последиците со ширето на коронавирусот.

Од минус 1,8 колку што беше економијата во време на ВМРО-ДПМНЕ, денес ја подигнавме на плус 3,6 отсто.

Тоа остава можност за издржани мерки и решенија кои ќе ги намалат негативните последици врз економијата и ќе помогнат на работниците, на фирмите, на стопанството, на сите граѓани.

Токму во таа насока се и мерките на СДСМ и претседателот Зоран Заев, врз база на солидарност и финансиска конструкција, директно насочени кон граѓаните, кон работниците, кон зачувување на секое работно место.

Со мерките што ги предлагаме ќе се обезбеди минимална плата за секој работник во фирмите погодени од кризата. Со 50 отсто од просечната плата ќе им се помогне на они кои поради кризата останале без работа. За нас секој работник е важен и секое работно место е важно, затоа се бориме да ги сочуваме работните места.

7.000 денари обезбедуваме за секое домаќинство каде има лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија. Со минимален приход да помогнеме на сите граѓани.

Кредитите за правните и физички лица се одлагаат за три месеци, се стопираат извршителите на три месеци, а во тој период од плаќање закуп се ослободуваат корисниците на социјални станови и оние кои под закуп имаат деловен простор од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор.

Ова се мерки на солидарност и меѓусебно помагање.

Затоа сите функционери, министри, директори, градоначалници, сите раководители и сите вработени во јавниот сектор ќе земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Претседателите и членовите на Советите во општините и претседателите на Управните и надзорните одбори нема да земаат надоместоци во месеците април и мај.

Овие пари ќе одат директно во фонд преку кој ќе им се помага на граѓаните и компаниите погодени од кризата.

За фирмите се обезбедуваат нови 50 милиони евра евтини кредити и се забранува стечај за време на кризата

Ова се мерки од граѓаните за граѓаните. Мерки со кои товарот од кризата се дели рамноправно меѓу сите, за негативните последици да бидат што поблаги а ситуацијата побрзо да се надмине.

Да се обезбеди основен приход за секој граѓанин е одговороност, секој човек е важен.

Јасно е дека Мицкоски е против овие мерки, затоа што тој е научен само да зема од државата а не и да помогне, затоа тој не сака сега од ништо да се откаже.

Го ставаме на располагање овој пакет економски мерки до Владата, со цел да се спречи и помогне веднаш на македонската економија, да се спречи губење работни места, да се спречи затворање на фирмите, да спречи сиромаштија и социјална криза.

Покажавме дека можеме да се справиме со сериозни економски предизвици, ќе покажаме и овој пат, ќе го победиме заедно невидливиот непријател и ќе се справиме со економските последици од оваа сериозна криза.