(ВИДЕО) Кирацовски: НЕ за Груевски – ДА за живот во Македонија!

0
1436

После 10 години централна власт и 11 години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, со која Битола е упропастена, а Република Македонија осиромашена и украдена, обвинетиот Никола Груевски се дрзнува да дојде во градот кој веќе одамна јасно и гласно му кажува НЕ!

НЕ за неговите злодела и бројните неостварени ветувања!

НЕ за криминалот, лагите и манипулациите, прислушувањето, политичките затвореници, заканите и притисоците, драконските казни врз бизнисот…

НЕ за Груевси, Мијалков, Талески и криминалците блиски до ВМРО ДПМНЕ кои се обидуваат да ни ја купат Битола! Тоа, ние граѓаните, нема да ви го дозволиме!

Груевски, за време на твоето владеење, Битола од втор економски и универзитетски град, падна на историски најниско образовно, финансиско и социјално ниво.

Денес на вашиот митинг добро е да дадете одговор:

Каде се ветените гасификација и топлификација во Битола, катните и подземните гаражи, реконструкцијата на железничката пруга Битола-Кременица, стадионот под тумбе кафе, планинарскиот дом Копанки.

Каде е новиот ГУП, пречистителната станица, каде е покриениот базен, Ски центарот Копанки и хотелскиот комплекс „Нижеполе“, каде се десеттиците инвестиции во Индустриската зона „Жабени“ и многу други проекти.

Залудно ги потрошивте и парите и времето на битолчани! – Веќе доста е!Битолчани, граѓаните на нашата татковина се за промени! Промени со кои ќе го вратиме она што е одземено, перспективата на Македонија!

Промени со кои на граѓаните ќе им се врати слободата и перспективата, а на членовите на ВМРО ДПМНЕ можноста да ја реформираат својата партија и да расчистат со криминалците во нивните редови.

После 11ти декември сите заедно ќе започнеме со реализација на Планот за Живот во Македонија со кој: минималната плата ќе ја покачиме на 16.000 денари, а просечната плата 30.000 денари.

Стопанството ќе го поддржиме со 140 милиони евра за инвестиции и нови вработувања. Ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, ќе ја укинеме радиодифузната такса, ќе ги намалиме давачките за извршување.

Пензиите ќе ги покачуваме два пати годишно согласно трошоците за живот и порастот на платите. Ќе обезбедиме државна социјална пензија за сите што немаат право на истата. Казните во стопанството ќе ги намалиме и ќе враќаме 15% од ДДВ.

Со нашиот план, заедно со граѓаните, после 11ти декември, ќе го вратиме Животот во Македонија!