(ВИДЕО) Заев: Поевтина струја, 15.000 денари плус пари дома со фотонапонски панели достапни за сите

0
1290

Зоран Заев, претседател на СДСМ, денеска од сончево Удово, зборуваше за енергетиката и проблемот со електричната струја која што ја има во цела наша Македонија.

– Како што знаете Македонија увезува некаде струја за 40% од своите потреби и се трошат повеќе од 180 милиони евра годишно народни пари, само за увоз на струјата. Сакам да им порачам на граѓаните дека капиталните инвестиции во иднина, согласно политиките на новата Влада ќе бидат инвестиции насочени меѓу другото и во производство на електрична енергија дома. Овој фотоволтаик којшто го гледате позади мене ќе овозможи заштеда на трошоците на секое домаќинство до 60%. Тоа е отприлика 15.000 денари за секое семејство. Нашата намера е тие фотоволтаици да ги поставиме на крововите на нашите сограѓани, каде што директно ќе имаат корист во просек од 15.000 денари, секое едно семејство – објасни Заев.

Според него, супституцијата на струјата којашто ќе ја овозможат овие фотоволтаици е одлична можност за сончева Македонија да го искористи како ресурс во севкупното покачување на производството на електрична енергија во Македонија, без разлика дали граѓаните имаат пари, без разлика дали ќе може да платат за вакви фотоволтаици, или имаат нула примања.

– Државата ќе овозможи секој да добие фотоволтаик којшто ќе го користи пред се за своите потреби и на тој начин ќе ја намали целосно, користењето на електричната енергија за пари, односно ќе има сопствен извор на финансирање. Директно државата ќе ги додели овие фотоволтаици на најсиромашните граѓани без да платат ниту еден денар за нив. Тоа ќе овозможи навистина и зголемување на производството на електрична енергија во Република Македонија, но и директно решавање на проблемите на граѓаните. Убеден сум дека еден ваков проект кој една Германија и многу други развиени земји го применија, даде одличен резултат е возможно уште повеќе во Македонија, затоа што знаат сите дека овде и тоа како има повеќе сончеви денови од северниот дел од европскиот континент – рече Заев.

Тој порача дека ќе се возобноват енергетските капацитети на вистински начин. РЕК Битола мора да се врати во полн погон со конечно комплетно, добро користење на мешавината на јагленот којшто претставува потенцијал согласно она што го има во површински и во подземен коп.

– Верувам дека преку организација на железничкиот транспорт и РЕК Битола, но и Осломеј во Македонија ќе бидат вратени со целосен потенцијал за производство на електрична енергија во Македонија. ТЕЦ Неготино, исто така преку гасификацијата на Македонија ќе овозможи когереративен систем којшто истовремено ќе донесе евтин енергенс гас и ќе даде втор продукт, тоа е топлинска енергија којашто ќе може во целиот овој дел на Македонија, тиквешијата да овозможи топлинска енергија за отварање на пластеници, и други видови на производства каде што топлинската енергија се користи. Проблемот со скапата струја завршува. Ние ќе ја вратиме евтината тарифа, таа ќе биде вратена со два часа дневно и за време на викенд, тоа е голема придобивка за граѓаните и убеден сум дека на тој начин ќе овозможиме намалување на трошоците во секое домаќинство, и ќе ги вратиме парите назад кон граѓаните – порача Заев.