(ВИДЕО) Заев: Ова денеска што се случува во Судот е голем срам, доказ како се инструментализира и како се става под контрола судството поради едни забегани политики

0
1731

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кажа дека одложувањето на денешното рочиште е доказ за погазување на правдата од страна на судот „поради некои забегани политики“.

– Денешното рочиште е одложено бидејќи единствениот сведок Никола Груевски не сака да се појави, а судот не му доставува покана, измислувајќи оправдувања за наводна спреченост на еден од двајцата поротници да присуствуваат на рочиштето. Сите знаеме дека доколку судот е известен дека еден поротник не може да дојде, веднаш се бара негова замена – изјави Заев.

Прашан за неговите очекувања во врска со процесирањата на двете обвиненија што ги поднесе СЈО, Заев рече дека не сака да ја коментира работата на судот, но дека цврсто верува оти поголемиот дел од судиите се професионалци и чесни луѓе.

– Ова денеска што се случува во Судот, како што знаете, не бевте пуштени и вие новинарите, е голем срам за овој суд. Денеска ова е доказ како се инструментализира и како се става под контрола судството поради едни забегани политики во Македонија. Денеска не се одржа рочиште поради тоа што главниот сведок, единствениот сведок, Никола Груевски одлучи да не се појави или на Судот му беше кажано да не му достави покана. Но за да биде дополнително покриен, наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен иако законот определува и замена на поротници кога тоа е најавено ако некој од поротниците не може да дојде.

Во Македонија право и правда мора да има! Тоа мора да биде конечна цел на сите нас граѓаните коишто живееме во Македонија. После 11-ти декември правната држава ќе се врати во Македонија – рече Заев.

Тој на новинарско прашање дали смета дека Кривичниот суд ќе се охрабри да ги води судските процеси кои што ги поведе СЈО, почитувајќи го законот, рече:

– Не сакам да ја коменитирам работата ниту на Судот ниту на СЈО, но ќе се повторам во нешто што сум го кажал многу пати. Неуморно верувам дека поголемо мнозинство во Судот и воопшто во правниот систем во Македонија, сепак се професионалци коишто си ја сакаат својата работа и бараат услови слободно согласно свои убедувања по Устав и по закон да носат одлуки. Јас верувам дека сите знаеме пред каков важен моментум сме исправени и како граѓани и како Македонија. Согласно моментумот во којшто живееме и работиме, треба и да се однесуваме.