(ВИДЕО) Заев: Никој да не се осмели за корупциски цели да ја изигра волјата на граѓаните!

0
1445

„Овој Парламент ќе ја штити и ќе ја спроведува волјата на граѓаните на Македонија!

Овој Парламент никогаш повеќе нема да се сврти против народните избраници и против новинарите.

Ви гарантирам, ќе бидеме чувар на волјата на вас граѓаните, кои во огромно мнозинство, над 600.000 избравте живот, слобода, правда.

Демократските процеси во Македонија се почнати.

Граѓаните се одлучија за промени и никој повеќе не може да застане на патот на промените. Режимот е поразен. Победи концептот на заедништво, наспроти поделбите.

Затоа укажувам:

– Сите партии мора да ја почитуваат јасно искажаната волја на мнозинството граѓани на последните избори за промени.
– Посебна одговорност имаат лидерите на партиите кои не смеат да помислат заради финансиски, коруптивни понуди или водени од лични или теснопартиски интереси да не ја испочитуваат волјата на граѓаните.

-Во Македонија, граѓаните, независно на која етничка заедница припаѓаат, јасно се определија за реформи. Обврска на сите партии е да се посветат на реформите што ќе значат унапредување на квалитетот на животот на луѓето и отворање перспективи за нив и за државата.

Сакам да биде јасно за сите партии што имаат пратеници во Парламентот, дека евентуална коалиција со Груевски, значи коалиција за режим и диктатура. Никој нема право да поддржи диктатура, спротивно на волјата на гласачите. Граѓаните јасно го отфрлија режимот и се определија за демократска иднина на Република Македонија.

Затоа, порачувам, да се фокусираме сите на развојот на земјата. Не постојат никаква федерализации или кантонизации, освен во главата на безидејниот Груевски. Треба да знаат граѓаните, затоа повторувам, имаме одличен европски Устав – Уставот ќе се почитува. Во Уставот и законите е дефинирана употребата на јазиците. Со овие постигнати вредности и со целосно имплементирање на Охридскиот рамковен договор од секој аспект Македонија има силен ветар во грб да се посвети на потребите на граѓаните.

Никој нема право, ни поради страв од промените да ги спречува и да се заканува.

Oстро ја осудувам реториката на омраза што сака да ја наметне Никола Груевски со некои негови соработници, посебно против невладините организации и меѓународните партнери на Македонија кои работат посветено да им помогнат на нашите граѓани.

Нема да дозволам да се наштети ниту на амбасадорите кои се гости во
нашата земја, ниту на кој било граѓанин во нашата земја.

Нема да дозволам да биде загрозена иднината на Македонија во ЕУ и НАТО.

Груевски е лицето на конфликтот и најмногу поради тоа, неговото време во политиката истече и заврши. Ние ќе практикуваме демократска и праведна власт со сите европски и цивилизациски вредности.

Во постапката на носење на Буџетот, премиерот и министерот за финансии ќе учествуваат на јавна дебата на МРТВ заедно со претставници на опозицијата. Заради отчетност ќе воведеме обврска седниците за пратенички прашања да се држат еднаш неделно, наместо еднаш месечно. Секој граѓанин ќе може да има увид за што се трошат парите од Буџетот. Криењето на јавниот долг ќе стане кривично дело. Ќе воведеме загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, синдикатите, коморите при носењето закони.

Ова значи дека не само што нема да се затвориме за јавноста, туку ќе бидеме целосно транспарентната и одговорна власт на граѓаните на Македонија, на што се обврзавме со нашиот План за живот во Македонија.

Овој 24 декември, ден на насилството на една неодговорна и несериозна власт која посегна по новинари и пратеници, го оставаме во црната меморија на Македонија, исто како и режимот што го победивме со пенкало и глас.

Почитувани граѓани, вашиот глас отсега е нашата должност – ние сме вашиот глас во овој Парламент и во Владата“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.