(Видео) Заев на новинарски прашања : Ќе дадеме се од себе за заминувањето на ова зло да биде мирно

0
1244

Одговори на новинарски прашања на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

zoki-zaev

П1: Имате ли некоја проекција до кога ќе трае објавувањето на бомбите и колку материјал имате?

Mатеријали има за со години, преку ваков ритам, да се објавуваат. Секако, како одговорна опозиција, нема да дозволиме дрскоста и безобразието, ѓон образот на Груевски, да ја втурне Македонија во неочекувано сценарио и да ја држи понатаму во заложништво. Ќе објавуваме материјали сé додека не замине оваа власт, а се надеваме дека тоа ќе биде многу брзо. Притоа, давајќи шанса, пред сé и над сé, на преговарачкиот процес којшто се води со посредништво на меѓународната заедница.

П2: Господине Заев, ќе објавите ли некои детали од дијалогот од Брисел? Што точно се разговара таму?

Јас реков, оваа страна од македонската политика, опозиционата страна, во минатото секогаш беше искрениот преговарач, отстапувајќи од своите партиски интереси за интересите и за иднината на нашата Македонија. Многу често преговаравме на наша штета. Тоа беше и после 24 декември, и за враќањето во Парламентот, и за Изборниот законик. Одевме и преговаравме кога Груевски нé снимаше во неговиот кабинет и тоа го објавуваше. Сакаме да дадеме шанса на зелената маса, на преговорите. Заради тоа, ќе го испочитуваме тоа што таму е договорено. Секоја информација којашто треба да стигне до домашната и до меѓународната јавност, да биде соопштена од претставниците на Европската унија. Немаме намера преку наши изјави да дадеме шанса власта да го извитопери и уништи преговарачкиот процес којшто се одвива во Брисел.

П3: Што конкретно во иднина ќе предлагате во преговорите во Брисел и како ги коментирате настаните што беа во текот на празникот, кадешто имаше наводно, да кажам, гранатирање на Владата?

За преговарачкиот процес само можам да потврдам тоа што е наш став, јавно обелоденет уште во Универзална сала. Нашите позиции во преговорите се тие, убедени сме дека тоа мора и може да се постигне. Но секако, даваме шанса на дијалогот, без да навлегуваме во делот и на нашата стратегија, а и во делот на она, коешто, се надеваме дека ќе биде успешна завршница на преговорите коишто траат.

Во врска со гранатирањето или експлозивната направа во близина на Владата, само ќе кажам дека ова, колку што знам, е трет пат како се случува. Никој не може и нема право да каже или да индицира поради тоа што опозицијата на ваков начин соопштува  докази и аргументи, дека некој тоа го прави. Претходните два пати, опозицијата ниту соопштуваше докази и аргументи, па имаше, секако, гранатирање или експлозивни направи околу Владата. За конкретните детали ќе мора да ги прашате Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, да си ја завршат работата, да не се занимаваат со човечиња, партиски вработувања и сé друго околу службата. Тие се тие кои треба да ви дадат детални одговори зошто и првиот, и вториот, и еве и третиот пат, после неколку дена, сè уште нема ниту индикации зошто тоа се случува.

П4: Ќе може да дознаеме за кој период се работи? Тие партиски вработувања, илјадарката што ја спомна. Второ, дали воопшто имаше нешто, кај беа од ДУИ, не е мала бројката илјадарка? Овде ќе дадам мал коментар, секој новинар кога се упатува до вашето седиште има во глава некое прашање и во моментов овде кога влегуваме ги забораваме сите од новите скандали. Значи ние сме потресени. И јас сум од тие, спаѓам во тие “Шиптарите” и како таков ви го честитам празникот Велигден на сите. Рековте дека он е готов а утре патувате за Брисел да преговарате со оној што е готов. До кога?

Прво, не брзаме ние никаде. На која било прес конференција до крај сме овде, за буквално сите ваши прашања и интереси коишто ги имате како новинари и претставници на медиумите. Драго ми е што членовите и поддржувачите  на опозицијата во последно време покажуваат респект за секое прашање и се следи со полно внимание. Илјадарката којашто ја споменува Сашо Мијалков е во мај месец 2013 година. Се извинуваме што мораме автентично да ги пуштиме овие делови каде што има навредливи зборови кон, во овој случај вториот по големина етникум во нашата земја, Албанците. Ги нарекуваат со погрдни зборови. Но, видовте дека и за помалите етнички заедници се однесуваат со многу погрдни зборови а во периодот којшто ќе доаѓа ќе видите како се однесуваат и кон Македонците иако и тие се самите Македонци, со уште погрдни зборови. Па дури и кон своите поддржувачи од ВМРО-ДПМНЕ со повеќе понижувачки, погрдни зборови. Така да, во целиот овој процес на крајот ќе видите дека проблемот не е во ВМРО-ДПМНЕ, не е проблемот во ДУИ како партија. Во поединци е проблемот, тоа што го кажуваме, Никола Груевски, Сашо Мијалков и неколку поединци.

Последното прашање, зошто сепак преговараме со такви луѓе. Некој ќе каже Заев тебе и те снимаат, последниот пат па и на телевизија те пуштија, и тоа во првиот кабинет во државата, премиерскиот кабинет, и пак преговарате. И во најсилните и најголеми војни на крајот сè се постигнало по договор. Зошто преговараме? Преговараме заради тоа што не сакаме други алтернативни можности коишто граѓаните ги бараат. Гневот врие во Македонија. Затоа Заев во Куманово, во Прилеп, во Струга, во Охрид, даваме и бараме шанса како да има издувен вентил за гневот на граѓаните, да можеме да го исконтролираме целиот процес. Ние сме поинакви од оваа врхушка на власт. Ние ќе дадеме сè за по мирен пат да се случи заминувањето на ова зло коешто ја има окупирано нашата земја. Нашите суети и нашите чувства ги остаивме дома кога дојдовме овде да ја водиме оваа голема партија. Се надевам дека во тој процес, на крајот, како што веруваме во вистината и во правдата така и успешноста на процесот ќе дојде. Само замолувам и до вас присутните, и до медиумите, и до граѓаните преку вас медиумите, трпение мора да има. Одговорноста за државата е заедничка на сите. Верувајте, чекор по чекор, трпеливо, Вистината за Македонија ќе го отвори процесот за добрата иднина на нашата Македонија. А тоа е ова никогаш повеќе да не се повтори. Да бидат разрешени сите злосторници и проблеми во државата, генерално, за да се насочи Македонија кон пат кон којшто и државата и граѓаните го заслужуваат а тоа е добра иднина.

П5: Врз што ја темелите вашата увереност дека власта набргу ќе замине? И тоа по мирен пат…

Слушнавте сè и видовте сè. И кога ќе знаете дека тоа што е објавено е само еден мал дел, претпоставувате и самите што сè уште постои, не може власта да не замине. Ако нешто е извесно, тоа е извесното. Оттука се поставуваат прашањата кој е тоа начинот којшто за Македонија е најбезболен, којшто нема да биде кочница за иднината туку напротив ќе биде ветар во грб, којшто мора да го изнајдеме сите, не само опозицијата. Затоа мора да се има трпение, затоа мора да дадеме шанса и на преговорите. Сите знаеме, не само заради тоа што Заев го кажува, гневот расте кај граѓаните и тој гнев никој не може да гарантира дека може до крај да го исконтролира. Од тие причини се надевам искрено, и оптимист сум, и јас и тимот, и сите ние од опозицијата, дека преговорите ќе вродат со плод, ќе бидат успешни, секако преку преодна влада, ќе дојдеме до нормализација на институциите во Македонија како гаранција за обезбедување фер, демократски и регуларни избори-граѓанинот тогаш се прашува и тој е конечниот во одлуката којшто дава легитимитет на кој било што ќе биде идниот донесувач на одлуки во име и за сметка на граѓаните на Македонија.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=hTn-W7lk3R4[/youtube]