(ВИДЕО) Заев : „Можеме“ е најголемата предизборна коалиција обединета околу европските вредности што водат напред

0
1334
Интегрален текст од денешната изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
Денес, ние присутните политички партии се обединија во голема победничка коалиција „Можеме“.
Горди сме што коалицијата „Можеме“ е составена од претставници на сите етнички заедници: Македонци, Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи, Бошњаци и Египќани, што поставува нов напредок, нов повисок стандард во политичкиот плурализам во нашата заедничка татковина.
Ова е најголемата коалиција моментално, составена од различни партии но сите обединети околу она што е важно за граѓаните и иднината на државата: членството во НАТО и ЕУ, поголем економски раст, поголеми плати и пензии, грижа за сите, правна и праведна држава со здрава и чиста животна средина.
Ова се теми кои се важни за сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност и затоа сите во коалицијата „Можеме“ сме насочени кон реализација на овие прашања.
Ние можеме! Уште подобро и уште повеќе!
Тоа го потврдивме и преку програмата која нуди реални, остварливи и квалитетни решенија за потребите на сите наши граѓаните.
Прв наш столб е економијата каде низ посветен, одговорен и чесен пристап предвидуваме отворање на 100.000 нови работни места. Тоа во голема мера ќе придонесе невработеноста од сегашните 16,6 проценти да се преполови и да падне под 8 проценти до крајот на новиот мандат во 2024 година.
Докажавме дека платите во сите сектори можат да растат постојано, но ќе покажеме дека можат да растат и повеќе и побрзо. 300 евра минимална и 600 евра просечна плата до крајот на мандатот е нашата понуда пред граѓаните на овие избори.
Покрај платите ќе растат и пензиите и тоа вкупно 21 отсто до 2024 година, а минималната пензија ќе порасне од сегашните 8.000 на 10.700 денари.
Сето ова е остварливо и реално затоа што и досега покажавме дека платите и пензиите можат да растат а невработеноста да опаѓа.
Покрај успесите на економски, остваривме значајни резултати и на меѓународен план. Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, тоа еден од столбовите на кои ја темелиме нашата понуда.
Со членството во НАТО уште од оваа година имаме пристап до пазар вреден 4 милијарди евра  годишно само по основ на НАТО , а со отворањето на преговорите со Унијата на располагање ќе ни бидат 2 милијарди евра, средства од европските фондови. Тоа се европски пари со кои ќе обезбедиме европски стандарди, тука во нашата татковина.
Наскоро започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството уште подобро.
Се обврзуваме до крајот на мандатот, до 2024 да ги отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ и тоа ќе го сториме затоа што можеме и умееме.
Ова се почитувани клучните столбови зад кои застанаа различни политички партии, зад кои застанаа сите етнички заедници во коалицијата „Можеме“ и кои носат уште побрз и посилен напредок за сите.
Сите политички субјекти од оваа најголема предизборна коалиција на било кои предвремени или редовни парламентарни избори препознава важност државата да продолжи по вистинскиот пат и тоа ќе се случи.
Нема враќање назад, уште побрзо, уште посилно продолжуваме напред.
Со ваква понуда на Програма, надополнета со квалитетни персонални решенија, секому му е јасно дека сме победници на 12 април.
По победата продолжуваме на вистинскиот пат затоа што можеме уште повеќе, можеме уште подобро!