(ВИДЕО) Заев: Избори на 5. јуни не може да има, Вељаноски може да го свика Парламентот

0
1159

Ви ги пренесуваме одговорите на новинарски прашања на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од денешната прес конференција:

Во петокот беа суспендирани  сите решенија на Оливер Спасовски и Фросина Ременски, како функционираат вашите министри, без ниту еден човек во кабинет? 

– Луѓето на Оливер Спасовски сеуште се на своите позиции. Објавената незаконска одлука на Влада и се што е незаконски, ние нема да го почитуваме. Одлуката е незаконска од неколку аспекти. Прво е донесена заради тоа што на решенијата што ги донеле нашите министри немало потпис на дополнителниот заменик министер, бидејќи не се однесувале на изборите. Незаконитоста се темели исто така и на тоа што има неовластен предлагач, тоа се дополнителните заменици министри во министерствата каде што се Спасовски и Ременски министри. Трето, Владата носи одлука за акти, коишто ги донела во функција на правилници. Решенијата можат да бидат обжалени од секој поединец кој го добил тоа решение, или доколку одлучил дополнителниот заменик министер – се однесуваат на изборите, и да ги обжали пред ДИК. Од тука продолжуваме, согласно Уставот и законите во РМ.  Нашите министри остануваат заробени во Владата, што значи го повторувам тоа што сме го кажеле. Се што е поврзано со интересот на граѓаните и со интересот на РМ, тие ќе го исполнат и испочитуваат. Сето она што се рефлектира на организација на нерегуларни избори, секако дека нема да учествуваат во таква работа. Остануваме принципиелни, водејќи битка кон целите на пржинскиот Договор. Тоа значи да се создадат регуларни и фер и демократски услови, да се спроведат избори во РМ. Согласно упатствата од правните служби што постојат во самите кабинети, тие ќе постапуваат и во делот на нивното одлучување.

Дали комуницирате со меѓународните претставници и каков е нивниот став да не одите на избори на 5 jуни? 

– Само ќе ве упатам на прогласот што меѓународните преставници го дадоа, во делот на минимум услови за исполнување на избори. Тие произлегуваат од пржинскиот Договор и од препораките на сениорската група на Прибе, каде што дефиниравме дека судството и реформите остануваат после изборите. Реформите кај правобранител, тајните служби, Агенцијата за корупција, остануваат после изборите. Но минимум услови се реформи во медиумите, разграничување на партијата од државата и регуларни избори преку прочистен Избирачки список. Нивните ставови се познати во јавноста и сите дискусии одат токму во тие начела и принципи зад коишто сите застануваме. Таквата еднострана одлука на владејачките партнери, да го распуштат Парламентот без да бидат исполнети таквите услови, е нивна одговорност. Принципиелните ставови СДСМ и здружената опозиција ќе ги брани до крај, заради тоа што на Македонија не и требат уште едни нерегулрани избори.  Само фер, регуларни и демократски избори се излез од кризата и гарант за иднината на РМ.

Рековте дека избори на 5 јуни не може да има, но избори ќе има… и колку места се загрозени во министерствата… 

– Јас верувам дека единствената опција за одлагање е таа, не дека Заев така сака. Граѓаните мора да добијат фер шанса да веруваат во Избирачкиот список. Ние сме свесни дека ваквиот процес што го отворивме мора да биде за отрезнување на Македонија и на сите нејзини граѓани од позитивен аспект. Фер шанса каде што еден човек ќе биде еден глас е нешто кое што е темелот на секоја демократија. Само тоа е гаранција на процесот којшто е отворен во Македонија и мора да биде завршен со демократизација на институциите, со регуларни избори, со фер и демократски услови и слично. Истовремено е загрозено работното место само на надворешните членови на кабинетот на министрите. Другите можат да бидат вратени со решенија и не се работи за бркање од работа. Тоа не е крај на светот. Тие влегоа како стручна асистенција кај министрите и тоа не е во суштина проблемот, туку проблемот е во незаконитоста на одлуката, и е спротивна на сите позитивни нормативи во Македонија.

Околу одлагање на изборите, претседателот на Собранието вели дека нема Уставна можност, откако на 15 април ќе ги распише изборите. И второто прашање, денеска ДИК има отворена јавна седница, според искуството досега денеска се надгласуваат, политички забрани. Како очекувате ДИК да се изјасни за тоа? 

– Дозволете ми да одговорам на двете важни прашања. Според мене, се многу важни заради тоа што дискутира јавноста во Македонија, а и вие медиумите, за овие прашања. Правото да распише избори Трајко Вељановски го црпи од пратеничкиот мандат. Денеска имаше седница на претседателството, тој знам дека ќе патува на 14 април, сето тоа е поради пратеничкиот мандат којшто е еднаков со сите пратеници. Уставот и законот, ниту забрануваат, ниту прават некоја каква било пречка за свикување на Собранието. Секако, пратениците имаат мандат до изборот и верификацијата на идните пратеници, согласно тоа постои отворена врата Парламентот да се свика посебно, ако не друго, поважно од тоа дека нема обезбедено услови за регуларни избори, здравје. Значи, пресериозна е причината за свикување на Парламентот. Теоретски само ќе го поставам прашањето, што ако 9-те члена на ДИК си дадат оставки во моментов, дали тоа значи дека не постои правен мехеанизам? Се свикува Собранието, бира нови членови на ДИК и тоа е апсолутно дозволено, согласно Устав и закон. Секако, постои само опцијата на политичка волја за овие работи. Правна регулатива постои за Македонија да добие услови за регуларни, фер и демократски избори. Во делот на второто прашање, јас се радувам на јавните седници на ДИК, заради тоа што се бориме за транспарентност, се бориме за отчетност, се бориме за информираност на граѓаните, а јавните седници токму тоа ќе го направат. Она што го кажуваат нашите анализи и ќе ви дадам своевидно наше политичко толкување, граѓаните ќе можат да извлечат свои заклучоци пред `се од јавните седници, зборуваат следно. Пример, прашањето “никој не живее на наведената адреса“, добило одговор “на адресата не живее лице со наведените податоци“. Одговорот на ваквите прашања, значи дека тие граѓани треба да се избришат од Избирачкиот список. Тоа значи дека на плацот каде што нема куќа, се запишани 40 гласачи. На влезот коишто е 3-ти по ред во зградата со 2 влеза, значи дека непостојат гласачи и тие треба да се избришат. Јас за жал денеска очекувам ДИК со мнозинство гласови да гласа, дека треба да опстои. Овој врв на апсурдноста и катарза се надевам ќе биде овозможена пред очите на граѓаните да се случи, ако не дај Боже тоа се случи. Очекувам политичко насилие со политичко надгласување во независната институција којашто ја создадовме, ДИК. Ако тоа се случи, тоа е врв на апсурдноста во Република Македонија, секако само по основот на прашањето “никој не живее на наведената адреса“! “На адресата не живее лицето со наведените податоци“ – “испитаникот живеел тука, но починал“, се вкупно 10.938 гласачи. Тие треба да се избришат. На прашањето, “испитаникот живее тука, но престојува на друга адреса“ – “испитаникот живее тука, но се наоѓа на привремена работа во странство“, “испитаникот живеел тука и се иселил во друга адреса на Р.М“, или “живеел тука и се иселил во странство“, некаде е бројка од 27.317 гласачи. Зарем тоа не е доволен основ тие граѓани да останат со право на глас, но да бидат во вториот дел на Избирачкиот список, како граѓани коишто живеат надвор од Македонија, а се со право на глас?! Тоа се нашите иселеници, тие не го губат правото на глас, тоа е прочистувањето на Избирачкиот список. Очекувам, ДИК да работи по закон и по методологија, ни повеќе, ни помалку и очекувам тоа да го прави на јавни седници, транспарентно, пред очите на целата јавност. А, оттука ги повикувам и меѓународната заедница, и граѓанските организации, и вас новинарите, внимателно да го следите процесот на ДИК, заради тоа што оваа вистина околу прочистувањето на Избирачкиот список може да ја дознаеме само од нивните јавни седници.