(ВИДЕО) ЗАЕВ ЗГРМИ ОД БРИСЕЛ : НИЕ СМЕ НАРОД СО ГОРДОСТ, НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА СИ ИГРА СО МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ!

0
1564

 – Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

– Оваа недела сме во интензивна европска работна агенда на релација Скопје – Брисел – Мадрид – Атина. Денес ви се обраќам од Мисијата на Северна Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во која било друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, изјави за медиумите премиерот Заев сумирајќи ги резултатите од средбите на нашата владина делегацијата.

Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници, како што истакна премиерот Заев, ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме.
-Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина, нагласи Заев во изјавата.

Ние, како што посочи премиерот, имаме и гордост и сопствен идентитет. – Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту која било друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка, додаде тој.

Премиерот Заев нагласи дека заедно сме со нашите европски пријатели. – Дишеме, живееме и растеме заедно со европските идеи и вредности. И знаеме дека мораме да се движиме заедно и напред, само така е европски. Ние сме за мобилност, а не за ѕидови!, додаде Заев.

Притоа нагласи дека на овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Северна Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас.

-Почитувани граѓани, народе мој, Европската агенда продолжува, од Брисел кај нашите пријатели во Мадрид Шпанија, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција. Европскиот пат е пат на соработка и меѓусебно разбирање“, рече во изјавата за медиумите премиерот Заев.