(Видео) Заев: Ако треба и со трактори и со багери, народот ќе дојде на протести

0
1057

Во моментов преговараме и за возови, од одредени краишта, за да може да се пренесе целиот овој наш народ. Но, ако треба со камиони, со трактори, со багери, народот ќе дојде на протестот.

Тоа го порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања после денешните „бомби“.

Zoran Zaev, pretsedatel na SDSM(1)

Прашан дали протестот ќе заврши в недела или само ќе почне в недела, како и дали ќе се обезбеди масивност со оглед на опструкциите, Заев рече:

– Навистина се прават натчовечки напори, правно – формално заокружено со договори да се ангажираат автобусите, комбињата и сите други превозни средства во државата и тоа нема да нé спречи, што по инструкции на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, сопственици на превозни компании потпишале договор, ги зеле авансите и сега ги откажуваат договорите. Продолжуваме понатаму да бидеме упорни, бараме поддршка и од Меѓународната заедница на принципиелни основи да ги обезбедиме средствата. Во моментов преговараме и за возови, од одредени краишта, за да може да се пренесе целиот овој наш народ. Но, ако треба со камиони, со трактори, со багери, народот ќе дојде на протестот.
Апелирам до Груевски и до високите претставници на власта да не го прават тоа. Не може да го спречат.
Во делот на организацијата на самиот протест, сакам да кажам неколку работи. Опозицијата прави сé за да протестите бидат ненасилни и мирни. Прво, апелирам до сите граѓани, со едно потсетување, нашите безбедносни служби минатиот викенд којшто е позади нас, тешкиот викенд низ којшто го помина Македонија, внимателно постапија, професионално до крај. Денеска веќе констатирано е дека нема цивилни жртви, а загинати се осум припадници на професионалните безбедносни служби. Обврска е на секој граѓанин, како што денеска и јас симнувам капа, со протести да дадеме поддршка на полициските сили во Македонија којшто ќе ги обезбедува државните институции.
Втора работа. Сите членови на Социјалдемократскиот Сојуз, добија задача, сугестија, со телефоните да сликаат, да снимаат, макар и чекор, за насилство на некој поединец. Очите 16 да ги отвориме за да не нé мести некој. Огромна бројка на млади луѓе ќе бидат тампон зона помеѓу полицијата и граѓаните што ќе протестираат. Ќе имаме европски пратеници коишто ќе зборуваат и не смееме да се обрукаме пред нив. Мора протестот да биде мирен. По сценарио ќе има зборување, нема да биде фронтално поставување на лицето на тие што протестираат наспроти нашите полицајци. Тоа се сите аргументации и секако и повеќе, за ненасилни и мирни протести. Истовремено, 4.600 самоиницијативно активисти, одлучија да предочат на СДСМ и опозицијата дека сакаат да останат да спијат и во континуитет да продолжи протестот. Согласно тоа, знаејќи дека не сме единствени учесници и поддржувачи на овој сенароден протест, овде се многу невладини организации, граѓански здруженија, многу политички субјекти, интелектуалци, поединци, граѓани, одлуката е, остануваме до крај. Додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме сите ресурси согласно нашите можности, и тоа продолжување биде мирно, ненасилно, со одредени содржини коишто ќе бидат точно за луѓето што ќе одлучат да останат во континуитет на самиот протест.

Прашан за интервјуто на Али Ахмети, каде посочува дека тој преговарал со терористите во Куманово и за тоа бил информиран премиерот Груевски, Заев рече:

– Јас ги немам сите докази. Како претседател на најголемата опозициска партија, логично ми стои било кој да се инволвира, ако терористите одлучиле безусловно да се предадат и притоа да бараат гаранции за некој да не ги убие при процесот на предавање. Има овде малку повеќе сомнителни работи коишто се спомнуваат и во интервјуто, а и пред тоа интервју. Ќе оставиме да покаже времето, а тоа време е неколку дена. Нема криење од вистината. Вистината е една и единствена и таа секогаш излегува.
Претседателот на СДСМ, прашан дали ќе има ќе има компромис или конфронтација, изрази оптимизам дека набргу Груевски ќе си поднесе оставка.

– Мислам дека компромис низ оставката на Никола Груевски ќе има многу брзо. Тоа ќе биде единствено можно решение. Немам конкретни докази за некои конфронтации освен оние коишто се во медиумите, но немам докази кои потврдуваат дека владини претставници испраќаат такви пораки во медиумите за таков вид на конфронтации. Исто така протестот којшто беше најавен во понеделникот, организиран од владејачката партија е некаква порака за конфронтација. Се надевам дека овој протест нема да биде организиран во понеделник – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

Рече и дека организаторите се подготвени за да спречат инциденти, иако можеби, како што рече, власта не е подготвена за тоа.

– Ако власта е неодговорна ние сме одговорни и секако дека ќе направиме се да не се случи било каков инцидент, па дури и никаква провокација. Имаме план како тоа да го организираме согласно сите наши можности, ќе направиме се, ако власта одлучи да го прави тоа. Не гледам никакви логични причини да протестира, против кој, против опозицијата?! Ќе направиме сè да не дозволиме било какви конфтонтации – рече претседателот на СДСМ.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=a17V_SeC1dk&feature=youtu.be[/youtube]