(ВИДЕО) Дескоска: Повлекувањето на срамните аболиции да се заокружи со оставка на Иванов

0
1153

1048Ви го пренесуваме обраќањето на пратеничката Рената Дескоска од СДСМ во однос на Предлогот за покренување на постапка за утврдување на одговорност на Претседателот на Р.Македонија.

„Во ситуација кога земјата е во тешка политичка и уставна криза, Горѓе Иванов со своето неуставно, незаконско, неодговорно и арбитрарно однесување, долеа масло на огнот и ја продлабочи кризата. Тој со дадените аболиции сакаше да ги затвори вратите за правдата, правичноста, еднаквоста и одговорноста во Република Македонија. Всушност тој сакаше да ги затвори вратите за решавање на кризата бидејќи кризата ќе заврши кога во Македонија повторно ќе се воспостави правната држава и правдата.

Единствена светла точка што произлезе од неговото неразумно однесување се протестите на граѓаните ширум Македонија, Шарената револуција, која го распламти пламенот на отпорот и ги обедини правдољубивите граѓани на Република Македонија кои бараа повлекување на аболициите и отворање на патот на правдата.

Со повлекувањето на дадените аболиции Иванов призна дека згреши. Призна дека неговите мотиви беа тесно партиски, а не државнички. Призна дека неговото однесување беше крајно неодговорно. Призна дека долеа масло на огнот и ретерираше, но тоа не го амнестира од одговорност.

Неговото повлекување на аболициите треба да биде проследено со негова оставка.

Ова Собрание денес е исправено пред тестот на Уставот, пред тестот на граѓаните, но и пред тестот на историјата, дали ќе го врати принципот на одговорност во Република Македонија.

Целта на денешната постапка за импичмент е враќање на принципите на одговорност, правда и еднаквост. Одговорност на ова Собрание е дали ќе го одбрани Уставот од противправните акти превземени од претседателот на Република Македонија или ќе остане нем набљудувач на кршењето на овој акт кој што е донесен од граѓаните, како што пишува во неговата преамбула.

Кршењето на Уставот е кршење на волјата на граѓаните. Наша одговорност денеска е да го вратиме принципот на одговорност и да покажеме дека никој не е над Уставот и законот и со тоа да помогнеме за враќање на загубената доверба на граѓаните во институцијата Собрание.

Никој не смее да биде над Уставот и законите, вклучувајќи го и шефот на државата.

Тој како претседател се стави во одбрана на најтешкиот криминал. Во своето обраќање, на 12.04 оваа година, рече дека активностите што ги превзема се со цел да се надмине кризата. Секому му е јасно дека политичка криза која произлегува од криминално вршење на власта, не може да биде решена со помилувања за сторен криминал.

Актите на Ѓорге Иванов само ја продлабочија политичката криза и ги направија многу далечни перспективите за враќање на правната држава во Република Македонија.

Претседателот Иванов даде 107 помилувања на 56 лица. Некои лица беа помилувани по 16 пати, 13, 6 пати и така натака.

Ѓорге Иванов со давањето 107 помилувања во еден ден направи општо ослободување од гонење, што е суштинска карактеристика на амнестијата. Со тој упад, во надлежноста на Собранието, тој прекрши одредби од Уставот кои што ја регулираат надлежноста на Собранието и начелото на поделба на власт и начелото на владеење на право.

Иванов со своето однесување ја врати Македонија во средниот век, со поделба на граѓани и политичари. Политичари кои се недопирливи и останати граѓани кои се обични смртници.

Ѓорге Иванов го прекрши начелото на поделба на власт, од членот 8 и начелото на владеење на право од истиот член, со тоа што фактички се обиде да го укине СЈО. Од неговиот говор, но и од неговите акти, јасно се гледаше дека главен таргет на неговата постапка беше да оневозможи СЈО да ја врши својата надлежност. Со тоа, тој изврши упад, истовремено и во судската и во законодавната власт, рече пратеничката Рената Дескоска во однос на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Претседателот на Република Македонија“, рече Дескоска од СДСМ.