(ВИДЕО) ДЕНЕСКА И ФОРМАЛНО-ПРАВНО СТАНАВМЕ ЧЛЕНКА НА НАТО: Седница на шпанскиот Сенат за ратификација на Протоколот на Македонија во НАТО

0
814

Шпанскиот Сенат за денеска во 13 часот закажа седница со единствена точка на дневниот ред – ратификација на Протоколот на Македонија во НАТО што претставува голем гест на официјален Мадрид кон нашата земја ако се има предвид актуелната состојба во светот што го тресе пандемија на коронавирус. Седницата и гласањето заеднички ќе го следат министерот за надворешни работи, Никола Димитров и амбасадорот на Шпанија во земјава, Лоренцо Сера по што е најавена и заедничка прес-конференција.

Усвојувањето на документот се очекува да биде формалност и да мине по брза постапка. Ова го соопшти првиот потпретседател на Сенатот, Кристина Нарбона, која, исто така, објави дека остатокот од парламентарните активности за цела оваа недела се откажани.

Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент. Протоколот кај нас, пак, беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и предвремените парламентарни избори.

Шпанија е последната земја членка на НАТО која сè уште го нема ратификувано Протоколот за членство на Македонија во Алијансата, откако сите други 28 држави го сторија тоа. Причина за одолговлекување беа ноемвриските избори на кои победи Социјалистичката партија на старо-новиот премиер, Педро Санчез. Преговорите за формирање на новата Влада во Мадрид траеја со недели и завршија на Божик со коалиција со РКС, најголемата сепаратистичка партија во Каталонија, која влезе во „брак“ со „Унидас Подемос“ во замена за разговори во наредниот период за решавање на статусот на покраината.

Шпанија е силно погодена со вирусот Ковид-19. Во земјата се регистрирани над 7.753 заразени лица, а бројот на починати пред два дена достигна 288, соопштија тамошните власти. Земјата има 46 милиони жители и се наоѓа во целосна изолација во обид за спречување на ширењето на коронавирусот. Шпанскиот премиер, Педро Санчез детално ги образложи мерките во рамки на двонеделната вонредна состојба. Тие се исти како и во Италија.

Граѓаните смеат да ги напуштат своите домови за купување на храна, на лекови, за посета на лекар или одење на работа. Затворени се сите продавници за производи што не се неопходни, не работат училиштата и факултетите, музеите, баровите, ресторани, хотели и спортски објекти. Во многу региони се откажани и верските церемонии во пресрет на калотичкиот Велигден на 11 април.