(Видео) Груевски го избра патот на Милошевиќ, Чаушеску и Лукашенко

0
1574

Содржината на разговорите кои ги објавуваме доволно и јасно зборува кој е болен ум во оваа држава, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, по денешната оценка на министерката за внатрешни, Гордана Јанкулоска, која нагласи дека снимките кои ги објавува со недели СДСМ се фантазија на болен ум.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=KkX6fgZqnWM[/youtube]

Шилегов нагласи дека СДСМ најостро ја осудува нарачаната полициска бруталност и пречекорувањето на овластувањата на полициските структури на Никола Груевски и на Сашо Мијалков врз граѓаните на Македонија, не вчера пред владата, туку и низ улиците на главниот град.

– Беше очигледно дека неколку минути пред 22 часот власта ги собра полициските и параполициските структури пред владата и испровоцира инцидент со граѓаните. Се уште не се знае бројот на претепани, повредени и приведени граѓани. Полицијата по нарачка на Груевски тепаа млади, студенти, жени и недолжни граѓани. Беа приведени и граѓани кои мирно седеа на улиците со кренати раце. Целата оваа операција за употреба на безмилосна сила врз граѓаните е смислена во домот на Груевски во кој што вчера попладне пристигнаа Мијалков и Мартин Протуѓер. Потоа, нарачаниот план е задолжена да го спроведе Јанкулоска, која на самото место пред зградата на владата командуваше со насилството врз сопствените граѓани. Со вчерашната наредба да се употреби сила на протест на кој граѓаните искажаа револт против криењето на убиството на Мартин Нешковски, Груевски по втор пат се обиде да ја убие вистината за овој случај. Целата одговорност за бесмисленото тепање на народот е кај Груевски, Јанкулоска и нивните извршители во структурите на МВР. Груевски вчера одбра како ќе си замине. Со вчерашната брутална акција тој го избра патот по примерот на диктаторите како Милошевиќ, Чаушеску и Лукашенко – вели Шилегов.

Тој нагласи дека СДСМ ја поздравува храброста на граѓаните да се спротивстават на бруталноста на режимот.
– Веќе на сите им е јасно дека граѓаните се решени да се изборат за слобода и демократија и ништо не може да ги спречи да го искажат тоа од што го мислат за криминалната власт на Груевски. Ги повикуваме граѓаните кои денес и во деновите што следат сакаат своето незадоволство да го изразат на мирни протести да не подлегнуваат на провокациите на власта. На крај, го повикувам Горан Петрески, главен и одговорен уредник во МРТ кој што своевремено и сам протестираше пред владата да престане да ги штити насилниците во заминување – истакна Шилегов.
Запрашан дали СДСМ е организатор или пак стои зад вчерашниот протест Шилегов вели:
– СДСМ јавно и транспарентно најави кога ќе биде коорганизатор на општограѓанскиот собир. Тоа е 17 мај, меѓутоа, ние сме пред се граѓани на Македонија, а потоа политичари, и должни сме како граѓани да присуствуваме на секој граѓански собир кој што изразува незадоволство од владеењето на криминалната власт на Груевски. За нас е чест и задоволство да бидеме со народот.
Шилегов како лага ја оцени информацијата на одредени медиуми дека наводно се правеле списоци во општинските организации за тоа кој да дојде на најавениот протест.
За шпекулациите дека Радмила Шекеринска, заменик претседателката на СДСМ, наводно го раководела вчерашниот протест, Шилегов нагласи дека тоа е повеќе од шпекулација, ниска долна пропаганда на режимските гласила и побара од нив да се договорат кога ќе известуваат што е што, односно да не лажат дека наводно пиела кафе во блиско кафуле, па дека сликала, координирала и се друго.
– Родителите на Шекеринска живеат спроти владата и како што кажав, наше право како граѓани е да присуствуваме на собири, а го поддржуваме револтот кој вчера го искажаа граѓаните – рече Шилегов.