(ВИДЕО) ГОРАН СУГАРЕСКИ : СО НОВ ГЕНЕРАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН ЌЕ СЕ ДАДЕ РАМКА ЗА РАЗВОЈОТ НА ПРИЛЕП ВО СЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

0
816

Генералниот урбанистички план е документ кој претставува Устав во урбанизмот и урбанистичкото планирање.

Во својата основа, урбанистичкото планирање служи за уредување и хуманизација на просторот, заштита и унапредување на животната средина и природата, како и социјална, економска и еколошка одржливост на општината.

Генералниот урбанистички план ја  дава рамката за развојот на градот во следниот 10-годишен  период.

Носењето на ГУП е од подеднаква важност како за граѓаните, така и за стопанските субјекти, бидејќи со неговото, и со усвојување на од него произлезените Детални урбанистички планови, се стимулира изградбата на стопански, индустриски и енергетски градби во општината. Сето тоа значи поголем број на издадени одобренија за градење и директен приход за Општината од наплатен комунален надоместок.

Во Програмата со која СДСМ и Коалицијата излегува пред граѓаните, нудиме изработка на нов Генерален урбанистички план, конкретна проекција за планскиот развој на градот за следната деценија.

При изработката на новиот ГУП, појдовен стратешки документ ќе биде стратегијата за одржлив развој на Прилеп, со која се овозможува подобрување на условите за живот во нашиот град и негов забрзан развој. Студијата е изработена со користење на мултидисциплинарен пристап од странски експерти, во рамките на Еразмус плус Енејбл проектот.

Успешното функционирање на домувањето е нераскинливо поврзано со планирање на придружни содржини: изградба на училишта, градинки, спортско-рекреативни објекти и паркови, локални деловно-трговски центри со маркет, пошта, амбуланта, ресторани и слични содржини.

Исклучително важен сегмент при носењето на Генералниот урбанистички план претставува реализација на планираната инфраструктура: сообраќајници со коловози,  велосипедски патеки, пошироки тротоари и зелени површини во населбите.

Она што треба да се потенцира, е дека добиените податоци од тековниот попис на населението, домаќинствата и становите ќе бидат од огромно значење при изработката на новиот Генерален урбанистички план.

Во овој контекст сакам да напоменам дека во напредна фаза е постапката за донесување на Детални планови за 30 населени места во општина Прилеп, со што за прв пат создаваме услови за урбанизација и планско градење во руралните средини.

Носител на прес-конференцијата: Горан Сугарески – Кандидат за градоначалник во Прилеп од редовите на СДСМ