(ВИДЕО) Врие во Кривичниот суд – „фрчат“ пријави и дописи од службеници

0
1561

13 судии од Кривичниот суд побараа од Судскиот совет и од Советот за утврдување на факти да преземат мерки против претседателот на Скопска единица, Владимир Панчевски. Првиот човек на Судскиот совет Зоран Караџовски изјави дека ја следат состојбата. Вели дописот е анонимен, дека потписите биле нечитливи. Тој вели дека согласно законот првин барањето треба да го разгледа Советот за утврдување факти за одговорност на судии, па потоа да постапува Судскиот Совет.

„Судскиот совет во овој момент не може да покрене никаква постапка, против било кој од инволвираните, затоа што барање за утврдување одговорност на судија е Советот за утврдување факти за одговорност на судии. Доколку во нивната постапка согласно законот утврдат дека има некаква причина за дисциплинска одговорност на одреден судија, по завршувањето на тој процес треба да поднесат барање до Судскиот совет. Потоа ние имаме законски основ да постапуваме по таквото барање“, рече Караџовски, за ТВ21.

Караџовски додава дека во врска со вчерашниот инцидент при што била нападната портпаролката на судот , соодветни мерки треба да превземе судската управа  и согласно законот за судска служба, доколку одреден службеник го прекршил законот да биде санкциониран. Директорката на академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудова, пред почетокот на конференцијата „Намалување на користењето на интернетот за тероризам“ не сакаше да ги коментира настаните со писмото за смена на Панчевски, ниту инцидентот во судот.

„Да ги почитуваме гостите од регинот, 70 гости имаме кои чекаат да влезат на конференцијата. Во друга прилика“, рече Арнаудова.

Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, тврди дека писмото е под нивото на  судската власт и надлежните органи.

„Не верувам дека постои судија во државава кој што ќе се крие зад скратени потпис и ќе објавува вакви шпекулации и невистини во јавноста со цел да се добие скандалозност и сензационални вести  во врска со работењето на судовите“, изјави Панчевски за „Фактор“.

 За вчерашниот инцидент кој се случил пред канцеларијата на претседателот на Судот Панчевски изготвен е полициски записник испратен до Јавното обвинителство кое понатаму ќе треба да реши дали ќе отвори постапка. Против напаѓачот поднесена е и кривична пријава за сторено дело „загрозување на сигурноста“, која понатаму треба да се процесуира од надлежните органи. Неофицијално, судски службеници му испратиле писмо на претседателот Панчевски во кое се жалат дека со негова одлука биле прераспределни на нови работни места, кои не соодветствуваат за нивните работни задачи.