(ВИДЕО) Владата одлучи – карантин за Скопје, Тетово, Штип и Куманово од утре во 21 до понеделник до 05 часот, во другите места од 16ч

0
1201

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека Владата го усвоила барањето на Комисијата за заразни болести.

Ќе биде воведен полициски час во Скопје со сите скопски општини, Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце од утре (четврток, 4 јуни) во 21 часот до понеделник наутро во 05 часот.

Во останатите градови, села, и места полицискиот час ќе биде од утре (четврток, 4 јуни) во 21ч до петок во 5 часот наутро а во петок, сабота и недела полицискиот час ќе биде од 16 часот до 5 часот наутро, секој ден.

Денот 5 јуни се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Во периодот од четврток (4 јуни) од 21 часот, до понеделник (8 јуни) до 5 часот се забранува посета на гробиштата на територијата на целата држава, освен во случај на погреби.

За земјоделските активности е дозволено движење во рамки на атарот на селата, исклучиво за работни потреби. Аптеките ќе работат непречено, Министерството за здравство ќе изготви соодветен план за непречена работа и на здравствените установи, соопшти министерот Филипче.

Исклучоци ќе бидат припадниците на полицијата, армијата, здравствените работници, здравствените установи, маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење, особено за економските оператори и за работата организирана во смени. Остануваат дозволите за прошетка на миленици, со истите периоди – 8:00-8:30, 15:00-15:30, 20:00-20:30 часот. Забраната не важи за лицата со попреченост и нивни придружници доколку имаат соодветна документација.

Филипче рече дека овој нов бран е последица на непочитување на мерките од страна на граѓаните, и неспроведување на мерките од страна на МВР.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.