(ВИДЕО) БОМБА на Фросина Ременски: Диме Спасов користел пет државни возила

0
1283

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташева-Ременски денеска побара итна оставка од дополнителниот заменик министер Диме Спасов, после саботниот инцидент во кој тој со возило на Агенцијата за вработување предизвика две сообраќајни несреќи. Таа рече дека Спасов имал на користење дури пет службени возила.

– Тој постапил неодоговорно за функцијата што ја извршува. За приватни цели и интереси, незаконски користел возило на АВРМ, а не смеел ниту законски. Ја загрозил безбедноста на патниците и направил материјална штета, а трошел пари од МТСП за возилото кое не е наше. И избегал на полицијата и ја спречил полицијата за утврдување на неговата психофизичка состојба, а потоа поттикнал друго лице, вработено во МТСП, но не како негов возач, да ја преземе одговорноста. Очекувам МВР да го расветли инцидентот со што ќе се покаже еднаквост пред законот – нагласи таа.

Ременски додаде дека „туарегот“ кој го возел Спасов во саботата е на АВРМ, а тоа возило не било единствено кое го користел Спасов. Користел други три возила кои Владата и ги дала на Агенцијата.

– И директорот на Агенцијата незаконски овозможил нивни возила да им се дадат на други лица. До Владата ќе доставам пријава за директорот на Агенцијата, кој спротивно на закон два пати е именуван за в.д. директор. Канцеларијата на ЕУ утврдила несоодветно располагање со сретства, односно за 30 возила кои преку ИПА програмите се купени за Агенцијата, тој побарал поврат на ДДВ од 27.000 евра. Во МТСП е започната постапка за возачот кој не е на Спасов. Барам Диме Спасов да преземе одговорност и да се повлече од функцијата – рече Ременски.

Притоа додаде дека четири возила користел Спасов откако дошол на функцијата во МТСП. Возачот кој ја презел одговорноста е вработен во август годинава во МТСП и без налог користел службено возило.

– Првичната истрага во МТСП откри дека Спасов должел две службени возила од Министерството за труд и социјална политика, а со службена картичка го полнел со гориво „туарегот“ многу пати. Ќе се поднесе пријава и кон тие што требало да ги контролираат срествата – оцени Ременски.