(ВИДЕО) БИТИЌИ : ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ПОРАСНА ЗА 60.000 ЛИЦА, А ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ПОРАСНА ЗА 6.000 ДЕНАРИ

0
1185

Во последните четири години вкупниот број на вработени лица во земјава се зголеми за 60.000, а просечната плата порасна од 22.000 на 28.000 денари, изјави вечерва вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

– Во изминатите четири години од владеењето на СДСМ за 60.000 лица е зголемен бројот на осигуреници. Тоа значи дека вкупниот број на вработени расте, изјави Битиќи гостувајќи во дебатната емисија „24 анализа“ на телевизија 24.

Тој појасни дека во времето кога ВМРО-ДПМН беше на власт во земјава имаше 730.000 вработени, а сега тој број изнесува 790.000.

– Ако некој е против граѓаните да живеат подобро нека му служи. Ако некој вели дека 9000 е добра плата, тоа е нивна политика, тоа не може во време на СДСМ, бидејќи ние сакаме граѓаните да живеат достоинствено, рече Битиќи во дебатната емисија со Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Битиќи, важно е што граѓаните во изминатите четири години добиваат поголема минимална плата која од 9.000 денари во времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власта, сега е зголемена на 15.240 денари.

– За четири години и просечната плата порасна од 22.000 на 28.000 илјади. Моите сограѓани добиваат повеќе пари, дополнително секој еден денар кон привлекува инвестиции, истакна Битиќи, додавајќи дека без разлика станува збор за домашни или странски инвеститори, тие ќе може да добиваат субвенции само ако даваат плата над 22.500 или во спортивно нема да бидат субвенционирани.

Димитриеска-Кочоска возврати дека власта вештачки ја зголемува минималната плата и со тоа го загрозува стопанството, тврдејќи дека просечната плата пораснала затоа што луѓето со нископлатени работни места останале без работа.

– Владата манипулира со просечната плата преку начинот на пресметка, бидејќи изгубените нископлатени позиции доведоа до зголемување на просечната плата, како на пример во индустријата, во рударството, вадењето на камен…, каде се намалил бројот на вработени, а истото е и во преработувачка индустрија, изјави Димитриеска Кочоска.

Битиќи од своја страна истакна дека власта успеала да спаси 80 илјади работни места, за што биле искористени 4,2 опроценти од БДП.

– Откако почна кризата, на 25-ти секој месец 350 илјади пензионери земаат пензија на време, по 12 илјади денари земаат примателите на социјална помош, а имавме и дополнителни мерки и пакети за полесно да ја поминат пандемијата, додаде Битиќи.

Димитриеска Кочоска обвини и дека власта со буџетскиот ребаланс повторно предлага огромен буџет, во кој „единствените приходи што ќе се остварат ќе бидат преку поскапувања, како што е еколошката такса“ и сето тоа „на сметка на граѓаните кои ќе имаат поголеми трошоци“.

– Во период на криза зголемија еколошка такса. Викаа дека нема да има покачување на струјата, ама таа поскапе 12,5 проценти, додаде Димитриеска Кочоска.

Вицепремиерот Битиќи возврати дека на глобално ниво еден од клучните предизвици во 2020 и 2021 година е справувањето со пандемијата и економските последици.

– Тоа што треба да се знае е дека цената ќе ја платиме сите, бидејќи поскапуваат сите ресурси и тоа не е поради националните влади. Неминовно е одредено поскапување во одредени сегменти. Кај нас минатата година имавме 40 проценти пониски цени. Се уште плаќаме евтини ресурси во споредба со другите земји. Струјата и нафтените деривати се меѓу најевтините кај нас, рече Битиќи.

Тој истакна дека во моментов одредени економски показатели се подобри и од оние во 2019 година, како што е индустриското производство, што укажува дека економијата заздравува.

– За 9,8 проценти е зголемувањето по основ на данок на личен доход во однос на минатата година, односно 5,85 отсто од данокот на добивка, потенцира Битиќи.