(ВИДЕО) Андоновски: Државниот кардиохируршки центар работи на штета на граѓаните

0
1122

Прес конференција
Ангелчо Андоновски, Комисија за здравство на СДСМ
Скопје, 10.07.2016

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите.

Досегашните „проекти“ во здравството на оваа ненародна, криминална власт се тотално фијаско.

После безброј промашени проекти од страна на Никола Тодоров уште еден голем дебакл и срам е Државниот Кардиохируршки центар.

Ветувањата беа големи. Оствареното далеку од тоа.

Во моментов, истовремено на две различни клиники се работат исти процедури – на Клиниката за Торако-васкуларна хирургија и на Кардиохирургијата.

Ова е уникатен пример каде што во рамки на еден Центар се прават паралелни институции.

При тоа на клиниката за Торако-васкуларна хирургија се работи во многу полоши услови и се оперираат голем број пациенти.

Но, никој не знае од 2014 година до денеска колкав е бројот на извршени операции во Кардиохирушкиот центар.

Никола Тодоров треба да им одговори на граѓаните колку од ветуваните 500 годишно кардиохируршки интервенции се извршени, и колку од оперираните се операции на проширени вени?

Што всушност се оперира таму и дали нешто функционира?

Од тимот што беше промовиран да работи и лекува во овој кардиохируршки центар остана само Министерот џојстик, сите други повеќе не се дел на тој тим. Поминаа години а само бројот на странци супервизори, кои ги плаќаме се наголемува.

По скандалот со незаконското вработување на студентка по медицина како докторка во службата за итна помош, јавноста очекува одговори дали тимот што оперира во моментов се стекнал со кардиохируршка специјализација и дали поседува соодветни сертификати?

Државниот кардиохируршки центар беше основан се со цел народот, граѓаните, да се оперираат и да немаат потреба да одат во другите држави и во скапите приватните болници.

Со тоа ќе се намалеа во голем обем трошоците кои беа потребни за извршување на овие зафати а со самото тоа и спас за здравствената државна каса.

За жал, Кардихиругијата не функционира како што би требало а тоа е на штета на граѓаните.

Доста беше потценувањето и изживувањето врз стручниот кадар. Цената за сето ова ја плаќаат граѓаните.

Тодоров одамна требаше да замине, да го напушти здравството и да го остави здравствениот систем во раце на професионалците.

Новата демократска народна власт на СДСМ ќе ги заштити граѓаните и нивното здравје, ќе ги поддржи лекарите професионалци и ќе го штити нивното достоинство.

Државниот кардиохируршки центар мора да прерасне во врвна институција со која ќе се гордееме.