(ВИДЕО)Еве како ДПМНЕ победува на избори: Полицајци вршеле партиски притисоци на локалните избори

0
1266

Демонстрација на сила, примена на крајно недемократски и репресивни мерки, омаловажување и закани, влевање страв на граѓаните се дел од мерките со кои владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта на последните избори во повеќе општини од кај што вакви сведоштва доаѓаат дури три години по локалните избори во 2013 година, пишува „Цивил“.

Искуството кое што О.А. се охрабри да го сподели за Цивил“, е можеби еден од најеклатантните примери за агресивниот манир на водење на кампањата и самиот изборен процес, во случајов со поддршка на вработени во МВР.

О.А. има четиричлено семејство и со труд и мака, со тутунопроизводство, се обидува да ја обезбеди егзистенцијата на своето семејство. Овој човек не е симпатизер на политиките на власта. Токму затоа, за време на изборната кампања за последните локални избори му било наложено да гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Дојдоа дома двајца членови на ВМРО-ДПМНЕ, едниот Х. Б. вработен во МВР, а другиот исто така ми е познат од селото, Г.Б. Ми се заканија дека ако не гласам за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе страдаме и јас и моите деца. Ми рекоа: `Ќе ти дадеме партиска книшка, а ако не гласаш ќе бидеш бележана овца и ќе страдаш!` Но, јас им кажав дека ќе гласам за кого сакам, се расправавме и се скаравме на крај – вели О.А.

Тој тврди дека неговото искуство не е изолиран случај, туку дека врз многу жители во селата се вршел притисок на ист начин.