Верушевски: За прислушувањето знаеше целата Управа, дел од вработените ќе бидат идни сведоци

0
2770

Противправното прислушување е дел од системот на Петтата управа во рамки на УБК, се спроведува како посебен проект од 2007 година.

Ова се нови елементи од случајот „Пуч“ кои ги изнесе првосомничениот, Зоран Верушевски, на денешната јавна расправа пред судскиот Совет кој треба да го оцени обвинителниот акт и да одлучи дали ќе оди во понатамошна судска постапка, или ќе се врати во јавното обвинителство на дополнитена истрага.

Верушевски за прв пат отворено проговори во јавност за неговата улога во овој случај во кој се поднесени обвиненија за шпионажа, противправно прислушување и за насилство врз државни функционери. Верушевски е обвинет за сите три кривични дела.

По однос на делото шпионажа, тој рече дека нема ниту еден доказ од истрагата кој покажува поврзаност меѓу него и било која странска држава или странска безбедноста структура. Од друга страна, го уверуваше судот дека е невозможно да постои врска меѓу прислушувањето и насилството врз државни функционери.

Верушевски индиректно ја потврди неговата поврзаност со Петтата управа на УБК, но при тоа го замоли судот да има разбирање што ги обезбедил овие сведоштва со цел да се дознае за криминалот.

– Доколку навистина се случило тоа, односно дека мојата шпионажа траела четири години, тоа ќе значи дека со години државата собирала непроценливо благо за високите дострели на македонската номенклатура. Во тој случај Верушевски имал проблем да ја натера таа номенклатура агресивно да навлезе во сферата на криминалот. Тоа што Верушевски во овој период се соочил со таква содржина, го исправило пред одлуката да обезбеди сведоштво за овие и за идните генерации дека во изминатиот период сме имале вистинска деструкција која извирала од системот на државата. Се надевам дека судот ќе најде разбирање околу оправданоста на обезбедувањето на овие сведоштва. Може ли да постои општество каде ќе има хармонија меѓу злосторот и злосторниците?  – праша тој.

Во тој контекст, Верушевски му се обрати на судот велејќи дека противправното прислушување е креација на Петтата управа во рамки на УБК и дека се спроведувало и во 2001 година, во случајот наречен „Големо уво“. Како е можно, праша тој, во овој стар случај прислушувањето да се третира како нешто позитивно за државата и општеството, а во вториот случај, денес, да се третира како обид за извршување на државен удар, пуч.

Верушевски додаде дека масовното прислушување започнало од 2007 година.

– Тоа е проект кој започна во 2007 година и за кој е информиран најголемиот дел од вработените во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во целиот период сум остварил најмалку дваесетина комуникации со вработени кои, уверен сум, ќе бидат идните сведоци за состојбата која седум години била дел од нивните животи. Република Македонија не се соочува прв пат со вакво прислушување, меѓутоа истрагата не сака да направи било каква споредба со проблемот на државата во 2001 година. Во 2002 година, кога од позиција на директор на УБК, имав можност да ја согледам целокупната документација поврзана со „Големото уво“, останува запрепастувачки за мене како оваа позитивна практика, одеднаш не претставува никаква вредност. Можеби погрешивме со таа практика во 2001 година – рече тој.

Судијата во овој момент го прекина и му посочи да внимава да не изнесува факти кои би му наштетиле како осомничен. На тоа Верушевски одговори:

– Ако тоа биде на моја штета, тогаш го прифаќам – рече и продолжи.
Истрагата, рече тој, пропуштила да ги заштити националните интереси на Република Македонија.

– Ако тоа не го направеше, тогаш ќе имавме вештачење на прислушуваните материјали. Тоа се содржеше во нашиот поднесок за дополнителни докази. Целта беше да и се овозможи на истрагата да дојде до веродостојни документи за поднесување на обвинителниот акт за прислушување. Прислушувањето е најсензитивниот дел во обвинителниот акт – порача тој.

Петтата управа, рече, е систем околу кој се темели целиот капацитет на националната безбедност на Република Македонија. На судот, Верушевски му порача да го има во предвид комплексниот карактер на овој систем. Доколку се наруши неговата интеграција, рече тој, се наршува и на регионалните системи за безбедност. Системот на Петтата управа не е креиран, рече, само за прислушување, туку за оптимално ниво на национална безбедност.
Со нечие невнимание, посочи, можат да се сокрија индикатори за нечија злоупотреба и на тој начин системот да се разруши.

За да може судот да ја утврди оправданост од противправното прислушување, во делот на безбедносните протокли, тој посочи дека истрагата не ги утврдила индикаторите за безбедносните протокли кои, подвлече, исклучуваат било каква можност за нелегално користење на системот пет години.
– Тоа е невозможно, но истрагата не направи ништо. Имајќи во предвид дека во Република Македонија мобилните оператори се странски, веќе чувме дека направиле свои истраги. Како тоа го нема во обвинителниот акт? Ниту една страна.. Како може обвинителниот акт да не се потпре на оваа истрага? – праша тој.

Додаде дека во тој контекст било побарално истрагата да провери дали е возможно противправно прислушување, но барањето не било прифатено.

Излагањето на Верушевски траеше долго, а тој се изразуваше елоквентно и описно. Со своето обраќање до судскиот Совет за оценување, тој рече дека сака да ги надополни површините искази на неговите бранители кои зборуваа пред него. Верушевски прво се задржа на обвинението за шпионажа и на неговите недоследности. Како што рече тој, обвинителниот акт изобилува со обвиненија, но е пресиромашен во доказите.

– Делува запрепастувачки делот на обвинението во кое мојата сопруга се става во корелација со делото шпионажа. Шпионажата не може да биде семеен бизнис, ниту некаде била, а не верувам дека тоа може да стане во Македонија. Каква е таа шпионажа која се фокусира на противправно прислушување. Шпионажата нема да создава инсталации за прислушување во самиот систем, туку има за цел да ја обезбеди содржината која е од витален интерес за државната безбедност – посочи тој.

Истрагата, додаде, не утврдила ниту еден доказ за почетокот на комуникацијата меѓу него и било која странска држава.

– Истрагата не утврди – а мораше да го направи тоа за да продолжи понатаму – содржина на шпионската агенда која Верушевски требало да ја оствари во Република Македонија за интерес на странска држава. Истрагата не утврдила ниту агенда, ниту документ кој припаѓа на странска држава, не утврдила ниту дефинирани обврски на Верушевски во рамки на таа концепција за шпионажа  – зборуваше тој во свое име докажувајќи дека обвинителниот акт не поседува докази за обвинението кое му се става на товар.

Пропуст на истрагата е тоа што не е дефиниран почетокот на шпионирање, а со тоа и не може да се утврди од кога почнало нанесувањето на штета врз државните интереси. Во обвинението, рече тој, недостасуваат и податоци за неговата улога во СДСМ во период од 2010 година до неговото притворање. Бидејќи СДСМ има своја безбедносна политика, рече, во обвинителниот акт недостасува податокот дека токму тој бил одговорен за безбедносната политика во тој период. При тоа Верушевски додаде дека СДСМ не е шпионско средиште на ниту една странска држава.
Верушевски смета дека нема причина обвинението да ги нарекува тајни средбите помеѓу него и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, затоа што, вели, двајцата осомничени се среќавале или во домот на Верушевски, или во просториите на Општина Струмица во транспарентен период од денот, односно најчесто во 12 часот напладне.

Советот за оцена на обвиненеито треба да ја донесе својата одлука во текот на овој месец.

Маја Васева

Извор : А1он