ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ЗЛОУПОТРЕБЕН ЗА ПРОМОЦИЈА НА СУПЛЕМЕНТ ПРЕКУ ФАБРИКУВАНО ИНТЕРВЈУ

0
430

Текстот што се пласира на Фејсбук е лажно интервју на извесен новинар Кристи Лиивовгејт со ексминистерот за здравство Венко Филипче. Во текстот, Филипче наводно промовира производ, Cardione, кој корисниците на социјалните мрежи се наведуваат да го купат, бидејќи наводно ќе им ги прочистел крвните садови. Филипче за Вистиномер демантираше дека воопшто дал такво интервју и дека промовирал производ кој наводно ќе ги прочисти крвните садови и дека луѓето над 50 години повеќе нема да треба да пијат терапија за висок крвен притисок. Освен тоа што текстот е полн со куп дезинформации и недокажани медицински тврдења, со цел промоција и измамнички маркетинг кој не е базиран на медицински факти, ниту на вистински препораки, текстот е и опасен за пациентите кои можат да паднат на оваа измама и да се откажат од својата стандардна терапија за висок крвен притисок.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

По таквото прочистување на крвните садови постарите луѓе конечно ќе се избават од покачениот притисок и од уште 9 наводно неизлечиви болести.

Фотографијата што ја гледаат сите корисници на социјалните мрежи како насловна фотографија на текстот, содржи наводно тврдење на поранешниот министер за здравство, неврохирургот Венко Филипче, дека тој препорачува три лажици од производот, без да се наведе кој производ, нешто што треба да го наведе потенцијалниот купувач да ја отвори страницата.

Насловот на текстот што се споделува во состав на објавата, пак, гласи:

По таквото прочистување на крвните садови постарите луѓе конечно ќе се избават од покачениот притисок и од уште 9 наводно «неизлечиви» болести!

Впрочем, текстот е наводно интервју на извесен новинар Кристи Лиивовгејт со Венко Филипче. Новинар со такво име не постои, ниту пак го интервјуирал Филипче. Во текстот се измислени информации како на пример дека „Филипче има пациенти од други европски земји и дека тој ретко дава интервјуа“ (нешто што треба да сугерира дека интервјуто што го читате е наводен ексклузивитет), но најспорно е тоа што интервјуто е во контекст на промоција на производ со име Cardione, кој корисниците на социјалните мрежи се наведуваат да го купат, бидејќи наводно ќе им ги прочистел крвните садови.

За да се промовира производот, се цитира непостоечко интервју со Венко Филипче каде нему лажно му е атрибуирано дека „е убеден дека секој човек на секоја возраст може да си ги прочисти крвните садови, без апчиња, дека може да живее до 120 години” и други тврдења.

За да се направи лажното интервју поверодостојно, се користи терминот од медицината, холестерин, кој наводно претставува маст наталожена во крвните садови. Во т.н интервју лажно се тврди дека Филипче наводно изјавил дека ако крвните садови на луѓето над 50 години се запушени, тој, заедно со сите други доктори препорачува прочистување на крвните садови. Наводно, според текстот, по прочистувањето на крвните садови со производот кој се рекламира, кај 9 од 10 пациенти, притисокот се нормализира и не е потребно понатамошно лекување.

Со други зборови, лажното интервју сугерира дека пациентите повеќе не треба да пијат апчиња за стабилизирање на притисокот, односно потребно им е само прочистување на крвните садови.

За жал, овој прост начин за нормализирање на крвниот притисок го кријат корумпираните доктори и фармацевти на кои им се исплати долготрајното лечење на пациентите за што се трошат големи пари. Колку подолго човекот боледува, толку повеќе издвојува на лекови. Меѓутоа прочистувањето на крвните садови е прост и ефикасен начин кој радикално го подобрува здравјето на луѓето, се цитира Филипче во лажното интервју.

Освен тоа што текстот е полн со куп дезинформации и недокажани медицински тврдења, со цел промоција и измамнички маркетинг кој не е базиран на медицински факти ниту на вистински препораки, текстот е и опасен за пациентите кои можат да паднат на оваа измама и да се откажат од својата стандардна терапија за висок крвен притисок.

Вистиномер се обрати до д-р Венко Филипче со прашање да ја потврди или негира веродостојноста на овој рекламен материјал, а тој ни изјави дека целото интервју е лажно и дека тој не стои зад него. Лажно е и тврдењето дека Венко Филипче препорачува пиење три лажици од производот, како што стои во една од фотографиите во текстот.

Втор елемент во невистинитиот маркетинг текст е наводната задоволна конзументка Рада Хенковеј, претставена како македонска пензионерка по потекло од Тетово, која наводно пред неколку месеци почнала со производот и оттогаш притисокот ѝ се нормализирал.

Истата фотографија од Рада Хенковеј, на слична реклама на германски јазик е претставена како да е од извесна Мартина Хена. Не е познато од кого е оваа фотографија, меѓутоа сигурно не е од жена од Македонија која имала позитивно искуство со производот кој се рекламира со неетичкиот маркетинг.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека познатиот македонски доктор Венко Филипче препорачал суплемент за прочистување на крвните садови како што се наведува во постот кој го рецензираме.