Величковска: Уметноста е она што го одржува светот во некаква рамнотежа

0
770

Со поетесата, писателката, преведувачка …и член на организацискиот тим на Поетска ноќ Велестово – Јулијана Величковска, за 32-то издание на манифестацијата, проблесоците, нејзиното препознавање овде и сега, посебно во време на пандемија и политичко слепило за културата …и за идните исчекори.

Јулијана Величковска е поетеса, писателка, книжевен преведувач и основач и уредник во издавачката куќа ПНВ. Таа заедно со идејниот творец и основач, реномираниот македонски поет и писател Славе Ѓорѓо Димоски, цели 12 години е во тимот што со невидена енергија работи на зачувување на високите дострели на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ Велестово“, која во изминативе нешто повеќе од три децении се одржува во едно од најубавите охридски села, „Чардак на небото“, како што кажал во една прилика великанот Петре М. Андреевски. Онаму, кадешто се љубат небото и земјата, а спокојството е привилегија што бргу се стекнува ако пристапот ви е со чиста душа. А, во пресрет на новото, 32 – издание кое ќе се одржи во деновите од претстојниот викенд, на 21 и 22 август, и на кое програмата ќе им биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски, на тамошните миризливи ливади на зајдисонце ќе се одржи настанот „Поезија – Залез“, а на Чешма ќе музицира „Скопје гитар трио“ предводено од Дарко Багески … со Величковска говориме за позицијата на ПНВ во времево и просторот во кој недоволно се препознаваат ваквите културни случувања кои ѕидале и ќе ѕидаат мостови на разбирање и соработка и гласно ќе говорат за нашата, за автентичната македонска култура секаде по светот.

Во времево на светска пандемија, периодот што треба да ни биде ука за враќање кон вистинските вредности, кон себе и сопственото исцелување, на македонската култура ќе ѝ се случи 32-та Поетска ноќ во Велестово. Колку е манифестацијата поразлична од другите години и колку го следи изворниот момент за нејзиното постоење? За потребата да се чествува зборот во зло време и силно да се упати крик за негување на вистинските вредности.

 Иако во услови на пандемија, во поглед на програмата се потрудивме да не отстапиме многу од она што е препознатливо како наш концепт, единствено не беше можно да гостуваат планираните поети од странство, бидејќи доаѓаат од една многу далечна земја, од Исланд, па беше навистина тешко да се планира нивното патување во вакви услови. Да беа гости од регионот, можеби и ќе беше изводливо, но ете, одлучивме нивното гостување да се случи следната година. Разликата во однос на сите претходни години ќе биде најважното во врска со Поетска ноќ во Велестово, а тоа е сето она што се случува зад сцената, во деновите пред, за време на и по официјалните настани ̶ сите дружби, прошетки, разговори и песни до доцна во ноќта со нашите учесници, со гостите што доаѓаат да ја следат манифестацијата, со велестовци… Но, некаков надомест за таа радост се надеваме дека ќе биде читањето на зајдисонце „Поезија ̶ Залез“, одбравме одлична екипа, па дури и така, дистанцирано, ќе се дружиме, ќе читаме поезија, а можеби и ќе испееме по некоја песна по велестовските ливади.

Што се однесува на времето што го живееме, да бидам искрена, не знам кога времињата биле добри за поезија, а можеби токму таквите зловремиња создаваат квалитетни поети. Уметноста е она што го одржува светот во некаква рамнотежа и поетите се тука гласно да кажат дека гледаат сѐ, не само куклите во овој театар од марионетки во кој живееме и нивната инструирана игра, туку јасно и смело им гледаме в очи на фигурите во мракот што алчно се држат за конците, убедени дека тие ги управуваат! Годинешната Поетска ноќ во Велестово ќе биде посветена на поезијата на Зоран Анчевски и скулптурите на Димитар Филиповски. Со нив се продолжува низата на врвни творци кои ја испишуваат успешната приказна за манифестацијата.

Целото интервју ќе може да го прочитате на следниот линк ОВДЕ.