Вајгл: Позитивниот извештај за Македонија зависи од Договорот од Пржино

0
1282

ivo-vajgl-4

Извештајот за напредокот на земјава и тоа дали Македонија ќе ја загуби препораката за земја-членка на ЕУ, зависи од имплементацијата на Договорот од Пржино, рече европратеникот Иво Вајгл, по денешната средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој изјави дека наскоро ќе почне парламентарната процедура за извештајот за напредок и се надеваат дека ќе можат да го земат предвид и Договорот од Пржино, јавува „Мета“.

– Се надевам дека временската рамка за имплементација на Договорот ќе биде испочитувана. Не станува збор за доцнење од еден или два дена, туку дека целиот процес, кој е во интерес на сите, треба да се испочитува. Мислам дека непотребните одложувања можат да предизвикаат големи проблеми за Македонија. Ако Договорот не се имплементира, земјата може да се види како држава во криза, а ние верувавме дека со постигнување на Договорот од Пржино, кризата е надмината. Сакам да видам дека и медиумите го поддржуваат Договорот и го зголемуваат притисокот кон политичките партии да се придржуваат кон договореното – рече Вајгл.

Одговарајќи на прашање дали Македонија може да ја загуби препораката, тој изјави дека се надева годинешниот извештај да не биде полош од ланскиот.

– Би сакале да ја видиме Македонија како кредибилна држава кандидат за член во ЕУ. Секако, зависи од дебатата во Собранието, имплементацијата на Договорот и од способноста во април да се одржат транспарентни, фер и демократски избори – рече Вајгл.