Ванхауте: Не очекувам дека ќе има избори на 5 јуни

0
1088

Белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, вели дека не очекува избори на 5 јуни, пренесува „Мета“.

 

Тој во својот говор на конференцијата за друштвени медиуми „Енгејџ 2016“, рече дека треба да помине подолго време за да се создадат услови за фер и демократски избори.

Ванхауте смета дека е демократско право на луѓето да излезат на улица, да протестираат и да бараат да се запре корупцијата.

– Ова ќе биде тежок пат, работите нема да бидат лесни и совршени од утре. Но, ве уверувам дека во еден момент работите ќе се сменат. Повторно ќе бидете во можност да живеете во слободно и демократско општество, во кое нема да мора да ја напуштите земјата и каде што луѓето ќе можат и ќе бидат среќни. Тоа е од суштинско значење – рече Ванхауте.

За неговите твитови вели дека се саркастични, но и дека ваквата реакција е дел од белгискиот менталитет. Тој вели дека пораките ги разбираат тие што се запознаени со состојбите во државата, а дека на властите им е тешко да ја примат пораката и да реагираат на неа.

Во однос на неговите конкретни работни ангажмани, посочи дека во моментов е само турист во земјава, но очекува наскоро да се смени тоа.