ВАКА ВМРО ГРАДИ СО НАРОДНИ ПАРИ: НОВИОТ ТЕАТАР СЕ РАСПАЃА, 50 МИЛИОНИ ЕВРА ВО НЕПОВРАТ, СЕ РОНАТ И СЕ ТОПАТ СО СЕКОЈ ДОЖД

0
1224

Мораше да падне стиропорот од фасадата на зградата на МЕПСО за да се вклучи алармот кај скопското обвинителство, кое по допрен глас истражува дали има основа за кривична одговорност за изведбата или за квалитетот на материјалот.

Но, многу пред ова да се случи, во новоизградениот театар од спротивната страна на МЕПСО, кој исто како и фасадата е дел од проектот „Скопје 2014“, со години влегува вода. Освен вработените и публиката тоа никој не го гледа, пишува БИРН.

Проблемот во МНТ е стар колку и самиот објект, ама по речиси седум години сѐ уште никој не се нафатил системски да го реши, туку повремено го санира со интервенции од типот „бетонирање прозорци и кофа во фоаје“.

Нашето истражување покажа дека, иако имало крпење на штетата од водата што се собира во 37-милионскиот објект, фирмите-изведувачи си играле пинг-понг со одговорноста за системските дефекти. Надлежните ниту тогаш, ниту сега не покажале подготвеност да го лоцираат и да го решат проблемот прогласувајќи се ненадлежни.

Министерството за култура ја префрла топката во МНТ, од МНТ, пак, ќе бараат финансиска помош од Министерството. За одговорноста на оние што нарачувале, граделе и вршеле надзор никој не зборува.

Никој од соговорниците со кои разговаравме не можеше директно да впери прст во изворот на проблемот – локацијата, материјалот, некоординација на фирмите што го граделе објектот што се менувале во текот на градбата или нешто друго.

Оттаму сосема е извесно дека во перспектива санацијата на објектот стар не повеќе од седум години ќе ја зголеми сумата јавни пари потрошена за негова изградба, но исто така речиси е сигурно дека на крајот никој воопшто нема да понесе одговорност.

Вродена градежна мана

Огромна црна кофа, дупка на плафонот со изваден лустер, излупен ѕид од влага, кабли што висат и вода што капе. Оваа сценографија не е од социјална ТВ сторија, ниту театарска постановка, туку проблем што зјае од фоајето на МНТ и редовно ја пречекува публиката во објектoт на кејот на Вардар.

Зад црвената завеса во фоајето, небаре театар во театарот, најмногу се гледа дека има пропуст при градбата на објектот. Проблемот, како што тврдат вработените, e во горната тераса од каде што се собира вода, која се цеди и капе во кофата.

Овој дефект не е нов. Постои од кога е отворен театарот во 2013 година, па бидејќи со години не е решен, театарџиите направиле мала сценографија со реквизити за да го ограничат просторот заради безбедноста на публиката.

Но, далеку пред помпезното отворање, стручњаците предупредуваа дека Вардар и дождовите ќе му бидат натрапници на тогашниот новоотворен театар. До нарачателот и до изведувачите овие предупредувања, сепак, не стигнаа, како што не стигнаа ниту до фирмите што вршеа надзор.

БИРН, во рамките на истражувањето Скопје 2014 под лупа, откри дека за изградба на овој објект, пред сѐ Министерството за култура, но и она за финансии, склучиле договори со десетици компании и изведувачи.

Меѓу нив, најскапи се договорите за градење склучени со штипски „Бетон“, „Страбаг АГ“, „Ламоне Мореда“ и „Конструктор“.

Целиот текст на БИРН на следниот линк ОВДЕ..