БУЈАР ОСМАНИ : МНР НИКОГАШ НЕ ВРШЕЛО ПРИТИСОК НА ИСТОРИСКАТА КОМИСИЈА

0
552

Министерството за надворешни работи никогаш не правело притисок по однос на содржината на разговорите и одлуките што ги носат членовите на Комисијата за историско-образовни прашања со Република Бугарија. Вчера се одржа првиот ден од средбата. Се надевам дека денеска ќе има прогрес, членовите на Комисијата имаат прво и да се повлечат или да останат, и порано имаше неколку членови коишто се повлекоа заради различни причини, меѓутоа овој процес продолжува и ги охрабрувам членовите на Комисијата да се обидат да најдат решение за да се оди напред во договарањето.

Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на новинарско прашање дека еден член од Комисијата поднел денеска оставка, поради, како што наведоа дел од медиумите, повикувајќи се на негово писмено соопштение, „обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата од страна на висок функционер на МНР“.

– Министерството за надворешни работи е координатор, односно го води овој процес на разговори со Република Бугарија и е надлежна институција за имплементација на Договорот од 2017 година. Во однос конкретно на работата на Историско-образовната комисија, МНР логистички ја поддржува Комисијата и затоа состанокот се одржува овде во Министерството, ресурсите ги обезбедува Министерството, Комисијата има договор потпишано со Министерството и оттука е односот на Министерството кон работата на Комисијата. Но, никогаш во однос на содржината, делокругот на работата на самата Комисија, рече Османи.

Тој додаде дека Министерството ќе учествува во обезбедувањето на формата и давањето на логистичката поддршка на работата на Комисијата.