Бухова: Не може МВР да не знаело за собири и до 200 луѓе

0
1046

Директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова, денеска пред медиумите рече дека полицијата, односно МВР, не може да не знаела за собири во кои имало и до 200-тини присутни, од каде потоа се создадоа фамилијарните кластери на Ковид-19.

Таа додаде дека во периодот од 24 мај  па до сега регистрирани се повеќе од 40 големи кластери на територија на целата држава и неколку кластери, односно 20 на територијата на Град Скопје.

Таа додаде дека големите кластери се „Мекици Охрид“, „Слава Ресен“, „Свадба Скопје“, „Ифтарски вечери“ и „Погреби“ и на нив присуствувале од 50 до 150, а некаде и 200 луѓе.

– Како Инспекторат не можеме да поверуваме дека не биле забележани и не интервенирало МВР, рече Сотирова Бухова.

Според епидемиолошките анкети, семејните кластери имале од четворица до 20 инфицирани со исто презиме односно во една фамилија.

„Досега ДСЗИ има издадено над 8.000 решенија по основ на контакти, над 3.200 решенија на позитивни за домашно лекување и самоизолација и над 3.500 решенија на повратници со негативен PSR тест“, додаде д-р Сотирова Бухова, одговарајќи на новинарско прашања.