БУНТ ВО ТВ АЛФА, СО МЕСЕЦИ НЕМА ПЛАТИ, ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ И ХОНОРАРИ. СЕКНАА ЛИ ПАРИТЕ ОД БУДИМПЕШТА?!

0
1173

До менаџерот на ТВ Алфа, Јане Бојаџи и до акционерите на ТРД Алфа ТВ, вчера (11 август) беше испратено писмо со предупредување дека од 16 август снимателите веќе нема да одат на терен, а дека информативните содржини ќе бидат скратени на десет минути.

Причината за ова, како што се наведува во писмото потпишано со „Вработените во Алфа ТВ“, е заостанување на две плати, здравствено осигурување и хонорари за три месеци, што „создаде револт кај вработените“. На состанокот на кој биле најголем дел од вработените, донесена била одлука за „преземање на први чекори за заштита на нивните елементарни права“, како што стои во писмото.

Дали секнаа парите од „Оливери“ маслото од Будимпешта или нешто друго е во прашање, наскоро ќе дознаеме. Во меѓувреме, се солидаризираме со барањата за почитување на работничките права на медиумските работници во Алфа ТВ.

Своевремено, Фронтлајн пишуваше за шемата како медиумите на ВМРО-ДПМНЕ станале унгарски пропагандисти. Своевремено, јавноста дозна и за тоа дека финансиската полиција и обвинителството ја следат трагата на унгарските пари во македонските медиуми, меѓу кои Алфа ТВ е една од најекспонираните, како што објавија низа истражувачки медиуми во земјава и во странство. До каде е таа истрага не е познато, но очигледно е дека нешто не е в ред со касата на оваа телевизија позната по својата црна пропаганда.

Извор : ФронтЛајн